Владата предмалку го усвои нацрт- законот за нов државен грб по што ќе следува јавна расправа, потврдија од Владата за Република. Новиот државен грб на Македонија ќе биде црвен лав во златно – жолт штит со круна во горниот дел, како и мурална круна во облик на тврдина. За да се промени симболот потребна е измена на Уставот, односно двотретинско и бадентерово мнозинство, за кое се вели дека веќе е договорено меѓу коалициските партнери. Од Владата додаваат дека со новиот државен грб ќе се постигне поголема обединетост на граѓаните заради елементите кои се содржани во него.
Причините, кои се образложени во предлогот, се враќање кон историските симболи. Македонија и Белорусија биле единствените земји во Европа кои се уште користат амблеми инспирирани од советска хералдика.
„Сегашниот грб на Република Македонија е во целост дизајниран според грбот на Советскиот Сојуз, според кој беа дизајнирани и грбовите на сите Советски Републики. Задолжителните елементи на сонце, ѕвезда петокрака, житни класје поврзани со лента со народни мотиви, го симболизираа ‘посветлото опшество на комунизмот’ до кое се доаѓа преку трудот на работничката класа и земјоделците“ стои во предлогот.
Новиот дизајн на црвениот лав е базиран на историските грбови, илустрациите на Верланд од 1481 и грбовникот на Бароад од 1581 кој преку стемографиите на Витезовиќ во 1694 и Жерафовиќ во 1741 станал и земски грб на Македонија.
Златно – жолтата круна која е украсена со бисери и рубини треба да го симболизира републиканското уредување на државата.
„Со тоа се цели да се истакне и прикаже суверенитетот и интегритетот на државата. Со донесување на овој грб, Македонија ќе се вброи во семејството на европските земји, како земја со европски стремежи, кои се грижат за своето минато, но и за својата иднина, промовирајќи заедништво и врзувајќи се за симбол кој не носи никаква поделба по ниту еден основ во себе, туку напротив создава единство на сите што живеат на овие простори“ стои во предлогот.
Ова би била втора, овој пат подрастична промена на државниот грб. Првата во 2009-та само ја отстрани црвената петокрака, но во најголем дел го задржа изгледот утврден уште во времето на Југославија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.