| четврток, 6 декември 2018 |

„Каренина made in Macedona“ вечерва премиерно на сцената на Битолски театар

За прв пат во историјата на битолскиот театар, на матичната сцена ќе биде одиграно дело на македонскиот писател и драматург Венко Андоновски, најави директорот на НУ Народен театар-Битола, Валентин Светозарев.

– Оваа успешна сезона ја завршуваме на најдобар можен начин, со премиера која за нас претставува голем спектакл. Станува збор за праизведба на нов текст и прво претставување на Андоновски со свое дело во Битола, и затоа што режисер е Дејан Пројковски чии претстави во моментов се играат од Хрватска до Русија, истакна Светозарев.

„Каренина made in Macedonia“ е македонскиот женски Хамлет. Самата претстава ја донесува Ана Каренина во Македонија и на тој начин ја раскажуваме големата приказна што се случува меѓу нас, посочи режисерот Пројковски во пресрет на вечерашната премиера. Главната улога, ликот на Каренина го игра Илина Чоревска, а на сцената ќе настапат 14 актери, меѓу кои и Петар Горко, Катерина Аневска, Соња Михајлова, Огнен Дранговски и други.

Костимографијата е на Благој Мицевски, сценографијата ја подготви Валентин Светозарев, музика Горан Трајковски, а специјалните макети ги изработија Горан Спасевки и Драган Анѓелковиќ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top