Република Македонија се најде на деветтото место на светско ниво во однос на трансплантација на бубрези од жив донатор и со тоа постигна огромен успех во здрвствената област.
Д-р. Аспазија Софијанова како национален координатор за трансплантација, истакна дека и претставува особена чест и задоволство што тимот кој ја работи трансплантцијата и го донесе на земјава деветото место.
Според неа, Македонија веќе е препознаена и се препознава како држава во која здравството добива светски димензии.
– Тимот денеска имаше посебна чест да нашата држава се најде како деветта рангирана во светски рамки, во однос на трансплантација на бубрези од жив донатор и тоа мислам дека е огромен успех со оглед на тоа дека статистиката се прави еден подолг временски период и последните три години тоа е толку многу заживеано. Мислам дека оваа година можеме да кажеме дека нашата држава во делот на трансплантација почна да се носи, со останите држави, па дури и повеќе, од останатите држави коишто не се членки на ЕУ – рече Софијанова.
Д-р. Маја Мојсова Миовска, болнички координатор за трансплантација, посочи дека оваа информација ја добиле од светскиот централен регистар за органска донација и трансплантација според кој рангирани сме на деветтото место на светско ниво, односно петти во Европа, за трансплантација на бубрег од жив донатор.
Се работи за трансплантација од сроден донатор, односно од фамилија, според законските одредби.
– Тоа беше за нас добар момент, ние сме горди за ова сработеното во последниве три години. Овој извештај се однесува на 2013 година и се надеваме дека 2014 ќе биде побогата и во суштина ќе ја надминеме оваа бројка. Само во последниве три години се направени 92 трансплантации од сроден донатор, што е импозантна бројка – истакна Мојсова-Миовска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


