| четврток, 6 декември 2018 |

Седумдесет години од холокаустот на македонските Евреи

Еврејската заедница во Македонија одбележува 70 години од депортацијата на 7.144 македонски Евреи во нацистичкиот логор во Треблинка.

Делегации на Еврејската заедница и на македонскиот државен врв ќе положат  цвеќе пред споменикот на македонските Евреи во „Тутунски комбинат“, како и пред спомениците на депортираните Евреи и на борците загинати во НОБ на гробиштата во Бутел.

Во просториите на Град Скопје ќе се одржи прием, на кој претседателот на Евро-азискиот еврејски конгрес, Вадим Шулман, ќе ѝ подари на синагогата „Бет Јаков“ во Скопје еден свиток на Тора.

Ноќта меѓу 10 и 11 март 1943 година биле уапсени сите Евреи во Македонија и концентрирани во монополот, денеска „Тутунски комбинат“, кој тогаш бил привремен концентрациски логор. Најмногу Евреи имало од Битола, Скопје и од Штип и по неколку семејства од помалите градови. Според евиденцијата на тогашните бугарски и германски окупатопрски власти, биле уапсени 7.144 Евреи.

На 11 март 1943 година тие биле собрани во сточни вагони и од Битола и од Штип сите заедно биел доведени во скопскиот монопол, каде што останале до крајот на март во екстремнотешки хигиенски и психолошки услови. Сиот имот им бил земен, а накитот и парите конфискувани. Потоа повторно биле натоварени, меѓу 80 и 120 во еден вагон, и транспортирани во тогаш окупираната Полска, во логорот на смртта во Треблинка, каде што биле егзекутирани.

Според процените, во Треблинка се убиени околу 900 илјади луѓе, од кои над 750.000 Евреи. Жртвите на холокаустот во тој логор, на 100 километри североисточно од Варшава, биле убивани меѓу јули 1942 и октомври 1943 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top