Аце Стојков се врати во репрезентацијата по одличните игри во Работнички, а верува дека Македонија има капацитет да ја надигра Словачка, вечерва во четвртата рунда од квалификациите за пласман на ЕП во Франција.
„Очекувам поддршка од публиката, да верува во нас, како што и ние веруваме дека имаме квалитет да ја победиме Словачка. Да нема свирежи, ако се погреши, оти сите посакуваме исто, три бода против лидерот во нашата група. Имаме иста цел, а до неа ќе стасаме само ако ги користиме нашите шанси. Очекувам тврд и неизвесен меч“, ни изјави Стојков.
Словачка е опасна селекција, а квалитетот и континуитетот го потврдија со три импресивни победи на стартот од новиот циклус. На гости ги надиграа и Украина и Белорусија, а дома го нокаутираа европскиот шампион Шпанија. Хамшик, Шкртел, Ѓурица, Вајс, Штох и останатите фудбалери од оваа генерација на Словачка долго играат заедно, а резултатите стасаа како потврда на квалитетните игри уште во младинските категории.
Победа против Словачка вечерва не остава во игра до крајот на квалификациите, а пораз ќе значи речиси сигурно збогување од настап на ЕП во Франција за две години. Вечерва на „Филип втори“ арената ќе мораме да ја надминеме и психолошката бариера, бидејчи никогаш досега во 6 меча не сме ги победиле Словаците. Против нив имаме 4 порази и две нерешени, со само еден постигнат гол.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



