Селекторот Бошко Ѓуровски посакува најмалку два гола во мрежата на Матуш Козачик, голманот на Словачка, за сигурен триумф против фаворитот и лидер во Ц групата во евроквалификацискиот циклус за настап на шампионатот во Франција.
Досега во шест меча не сме успеале да им дадеме на Словаците повеќе од еден гол, со 4 порази и две ремија.
„Мора да постигнеме два гола за да оствариме победа, односно позитивен резултат. Треба да го дадеме максимумот, не само со трчање, туку со тактичката поставеност на теренот. Самодовербата во нашиот табор е на високо ниво, овие играчи се гладни за добри резултати, подготвени да одиграат квалитетен меч. Ниту инцидентот со Јаховиќ и Георгиевски не ја наруши добрата атмосфера и оптимизмот во нашите редови“, изјави селекторот Бошко Ѓуровски.
Во нападот наместо суспендираниот Јаховиќ ќе игра Аце Стојков, а има алтернативи и за десен бек, позиција на која стартер требаше да биде Даниел Георгиевски, истотака отстранет од репрезентацијата поради кавга со Јаховиќ.
„Имаме доволен фонд на играчи и сите што се тука треба позитивно да размислуваат. Добро е што и Александар Трајковски се врати во погон по потребата на скочниот зглоб и тој ќе игра утре. Во комбинација е и екстраталентираниот играч на Барселона Б, Давид Бабунски. Тој е одлично момче. Кога е во репрезентацијата работи супер. Малку повеќе користи фејсбук и твитер кога не е во репрезентацијата, но јас тоа не го читам бидејќи не ги користам социјалните мрежи. Штета што Најдоски не може да игра“, се пошегува Ѓуровски.
Мечот меѓу Македонија и Словачка ќе се игра утре од 20,45 часот на „Филип втори“ арената во Скопје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



