Во Македонија има голем напредок посебно во делот на политичката застапеност на жените на национално ниво, се наведува во извештајот во Париз на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) за родовата еднаквост во земјите од поранешна Југославија. ПССЕ во извештајот посочува дека реформата на семејното право во 2004 година дозволи да се воведе првиот Закон за домашно насилство и серија индивидуални мерки за заштита на жртвите.
Првата студија за домашното насилство во Македонија во 2000 година, со која беа опфатени 600 жени, покажа дека 72,28 отсто од жените биле изложени на физичко насилство или закани во рамки на семејството, 10,4 отсто биле жртви на сексуална агресија или закани, 12,87 отсто биле изложени на физичка или сексуална агресија, а 4,46 отсто не одговориле на прашањето. Истата година во Македонија е отворен првиот центар за жени жртви на домашно насилство. Од 2000 до 2011 година во овие центри биле прифатени 3.011 жени, се истакнува во извештајот.
Стапката на вработеност на жените во 2008 година во Македонија, како што се наведува, е 32,9 отсто додека кај мажите е 50,7 отсто. Од активното население, 76,6 отсто од мажите се активни, додека кај жените само 50,2 отсто, додека разликата во платите е повеќе од 20 отсто во корист на мажите.
Според Светската банка, годишната плата на една жена во Македонија во 2010 година била 5.956 американски долари, додека на мажите била 12.247 долари. Дискриминацијата е посебно присутна кон жените и девојки Ромки, кои се лишени од образование, работа, здраствена заштита. Според проценките на Амнести интернешнел, дури 66 отсто од жените Ромки во Македонија можат да најдат работа само во „сивата“ економија.
Во извештајот на ПССЕ се вели дека владите во земјите од поранешна Југославија се справуваат со економската и политичката ситуација без притоа да ја интегрираат родовата димензија и дека за помалку од десет години постигнат е сериозен напредок со воведувањето на законска рамка, но родовата еднаквост е се уште далеку од реалноста. За жал нема ефективна контрола на спроведувањето на законите и недостигот на финансиски и технички средства доведе до бавно и несоодветно спроведувањето на новите закони. Нема статистички податоци за родовата засатапеност и еднаквост, иако тие се клучни за реалната родова политика.
Констатацијата на ПССЕ е загрижувачка: стапката на вработеност кај жените е релативно ниска, жените кои завршиле повисоки студии од мажите многу потешко стигнуваат на раководни функции, одговорностите на жените во семејствата се поголеми од тие на мажите, жените од руралните средини се повеќе маргинализирани од жените од урбаните средини, жените почесто имаат работни договори на одредено време, што дозволува да се избегне правото на породилно отсуство кое постои во законите и сексуалниот мобинг е многу раширена и малку казнувана практика.
ПССЕ дава серија на предлози за да се подобри родовата застапеност, како зголемување на напорите за поголема вклученост на жените во политичкиот и јавниот живот на национално и локално ниво, промоција на кампањи за сенсибилизација против домашното насилството и насилството против жените, сексуалниот мобинг или вознемирување, развивање на мерки за борба против дискриминацијата на жените како на економски и социјален план, промовирање на еднаквост во платите меѓу мажите и жените, отворање на пазарот на трудот за жените од руралните средини, преку поддршка на основното образование и обуката на современите аграрни техники и финансирање на опрема и друго.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


