Македонскиот ракометен вицепрвак Вардар поради недолично однесување и пијанство за време на престојот во српската репрезентација го казни својот голман Страхиња Милиќ.
– Во врска со последните случувања во ракометната репрезентацијата на Србија, чиј член беше и голманот Страхиња Милиќ, ракометниот клуб Вардар смета дека однесувањето на нашиот член не е во согласност со спортскиот кодекс, иако тоа се случило надвор од теренот. Без оглед што се работи за натпревар во кој клубот не е вклучен, а бидејќи Милиќ е член на Вардар, сметаме дека со однесувањето истовремено го претставува клубот надвор од Македонија. Почитувајќи ги клупските правилници, Вардар му изрече временска суспензија од еден месец на Милиќ, и парична казна согласно клупските правилници поради ваквото однесување, со надеж дека истата ќе влијае позитивно на негово однесување во иднина, како на негов, така и на другите членови на екипата, се истакнува во информацијата на веб-сајтот на РК Вардар.
Милиќ на крајот од минатиот месец беше отстранет од репрезентацијата на Србија бидејќи се вратил рано наутрина во хотелот во алкохолизирана состојба.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.