
Во рамки на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство, од почетокот на август, функционира лактариум наменет за мајките-родилки што веќе го напуштиле родилиштето, а чиишто новородени деца се третираат на одделението за интензивна неонатална нега и терапија, информираат од Министерството за здравство.
Оттаму објаснуваат дека во лактариумот, мајката-родилка прави експресија (измолзување) на млекото, а потоа експресираното мајчино млеко е вклучено во исхраната на новороденото дете. Лактариумот е организиран во согласност со Водичот за експресија и употреба на мајчино млеко. Од почетокот на функционирањето, лактариумот го посетиле вкупно 53 мајки, а експресираното мајчино млеко е вклучено во исхраната на 61 новородено дете (меѓу кои и 8 двојки близнаци). За експресија на мајчиното млеко се употребуваат рачни пумпи за еднократна употреба, кои ги обезбедува Клиниката.
Функционирањето на лактариумот овозможува унапредување на грижата за ранливите категории новороденчиња, а воедно придонесува кон подигнување на свеста за значењето на мајчиното млеко. Имено, мајчиното млеко е многу значајно за подобрување и засилување на имунитетот кај ранливите групи новороденчиња, особено предвремено родените деца, новороденчињата со мала родилна тежина, или болните новородени деца. Исхраната со мајчино млеко овозможува и други придобивки, како што се: унапредување на вкупниот развој на новороденчето (физички, моторен, социо-емоционален и когнитивен развој), намалување на ризикот од хронични и автоимуни болести (алергија, aстма, дијабетес и разни инфекции) во периодот на детството, како и намалување на можноста за натамошна појава на хронични незаразни заболувања. Воедно, на овој начин се постигнува значаен психолошки ефект на засилување на емотивната врска меѓу мајката и новороденчето.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
На децата прв пат им бил откриен дијабетес кога биле донесени во болница
-
Д-р Ана Данева Маркова е нов претседател на Комитетот за безбедно мајчинство
-
МЗ: Бебињата починале поради предвремено раѓање, имале неразвиени органи и исклучително ниска тежина
-
Локацијата на новиот Клинички центар не е во строго заштитената зона


