
На 22 и 23 октомври, на сцената на Драмски театар во Скопје ќе се случат две премиери. Со монодрамата „Секс, дрога, рокенрол“, утревечер во 20 часот, по подолго време на матичната сцена ќе се појави актерот Сашо Тасевски. Претставата е во режија на Ристо Алексовски, а по текст на американскиот автор Ерик Богосјан.
„Капетанот Џон Пиплфокс“ е насловот на претставата која по долги години од сцената на Драмски, ќе и се обрати на детската публика. Премиерата ќе биде в четврток, на 23 октомври во 19 часот, а ја режираше Коле Ангеловски. Ова е трето поставување на текстот на српскиот автор Душан Радовиќ на сцената на Драмски. Главната улога ја толкува Игор Ангелов, а со него настапуваат: Трајанка Илиева-Вељиќ, Александар Степанулески, Димитрија Доксевски, Маха Вељковиќ-Пановска, Ѓокица Лукаревски, Филип Трајковиќ, Душица Стојановска, Златко Митрески, Ѓорѓи Тодоровски, Зоран Љутков, Диме Илиев и други. Сценографијата е на Љубомир Чадиковски, костимите на Илина Ангеловска, музиката е дело на Венко Серафимов, а кореографијата – на Кренаре Невзати.
Од Драмски најавија и новини во однос на продажбата на влезниците. Имено, билетарницата на театарот ќе работи секој ден од 9 до 22 часот, а во недела од 12 до 20 часот.
– Сакаме што повеќе да и се приближиме на публиката и да и бидеме подостапни. Публиката може да си купи влезници и за време на паузата на некоја претстава – рече Роберт Вељановски, директорот на Драмски театар.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


