Никола Глигоров се враќа во фудбалската репрезентација на Македонија за квалификацискиот дуел против Луксембург, што ќе се игра задутре, четврток од 20.45 часот, а играчот на Вардар посакува прва победа во новиот циклус.
– Мило ми е што се враќам во репрезентацијата, за мене ова е прв повик од селекторот Ѓуровски и ќе дадам сѐ од себе да помогнам за да ја оствариме целта. Нѐ очекуваат два натпревари против Луксембург и Украина, сега се фокусираме на првиот, играме дома и ни треба победа. Се надевам дека сите ќе ја сфатиме обврската и ќе се подготвиме на вистински начин. Треба да се фокусираме на методите на работа на селекторот и мислам дека ќе успееме. Ни треба позитивна атмосфера и поддршка од публиката – вели Глигоров.
Добра вест за селекторот Бошко Ѓуровски е што конечно е добиена битката со Хрватите за фудбалерот на Динамо Загреб, Аријан Адеми. Играчот за врска на популарните „модри“ пристигна во Скопје на првиот тренинг пред дуелот со Луксембург и ќе настапи задутре на арената „Филип Втори“ во дресот на Македонија.
Натпреварот со Луксембург ќе се игра во рамките на второто коло во групата Ц за пласман на ЕП 2016 во Франција. Во првата рунда ние загубивме од Шпанија со 1-5, а Луксембуржаните ремизираа, 1-1, со Белорусија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.