
Фудбалската федерација на Македонија овозможува бесплатен влез за ученици од прво до деветто одделение, за деца без родители и од социјалноранливи категории за натпреварот Македонија – Луксембург, кој ќе се одигра на 9 октомври во 20.45 часот.
Децата можат да дојдат на натпревар заедно со родител или старател, а потребно е само да покажат ученичка книшка на билетарницата на арената „Филип Втори“ или на информативниот пулт во „Скопје сити мол“ и да го подигнат бесплатно својот билет.
– Целта на оваа активност е создавање навика кај најмладите за одење на спортски натпревари од рани години, со цел уште повеќе да го засакаат фудбалот и да можат да ги гледаат своите идоли од поблиску. Спортот е од исклучително значење за правилниот раст и развој на едно дете, за негово насочување кон вистинските вредности. Преку спортот децата на еден здрав начин се дружат, создаваат здрави навики, се натпреваруваат меѓу себе и се подготвуваат за светот на возрасните. А, секој спортист и тим кој ги брани боите на својата држава, кој придонесува за афирмација на својата татковина, кој го обединува народот и наметнува победнички менталитет заслужува поддршка – изјави Илчо Ѓорѓиоски, претседател на ФФМ.
Ова ќе биде втор квалификациски натпревар за Македонија, а, како што е познато, првиот го загубивме од Шпанија со 5:1. Луксембург е шанса за прва победа во првиот меч на домашен терен во овие квалификации.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


