Република Македонија годинава ќе се претстави на најголемиот светски саем на книгата, во Франкфурт. Учеството на оваа манифестација, која има веќе 65-годишна традиција и која е најпосетуваниот настан од областа на литературата и на издаваштвото во светот е исклучителна можност за наша национална промоција, за презентација на врвните дострели на македонските автори и за нивен поголем пласман во меѓународен контекст.
– Република Македонија е една од ретките земји во светот што со исклучително внимание ја поддржува издавачката и литературната дејност. Министерството за култура со поддршка на Владата на РМ во изминатиот период реализираше низа на капитални проекти што го унапредија книжевниот, творечкиот, преведувачкиот и издавачкиот амбиент во нашата држава. Исто така, редовно, преку Годишните програми, издвојуваме големи средства за проектите на приватните издавачки куќи и од 2008 година досега се издадени преку 4.000 книги и изданија на македонски јазик и на јазикот на заедниците што егзистираат во нашата држава, а се откупени преку 40.000 публикации со кои континуирано се збогатува библиотечниот фонд на институциите низ државата. Во рамките на издавачката дејност континуирано се поддржуваат повеќе литературни манифестации, а еден од приоритетите на Министерството за култура е и претставувањето на македонското современо книжевно творештво на реномираните саеми на книгата во светот, истакна министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.
На Саемот на книгата во Франкфурт, кој ќе се одржи од 8 до 12 октомври, Здружението на издавачи и книжари ќе ја претстави Република Македонија под мотото „Куќа на зборови, куќа на светови“, кој го осмисли посебна комисија составена од реномирани професори и експерти од областа на книжевноста: проф. д-р Соња Стојменска-Елзесер, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишева и проф. д-р Елизабета Шелева. Концептот што е поделен во три сегменти, го симболизира мозаикот на современата македонската современа литература, како една јазична ризница во која се преплетуваат различни поетички и стилски пристапи.
– Специјалната публикација со избор и превод на кратки извадоци од творештвото на 18 македонски поетски и прозни автори, меѓу кои се и Митко Маџунков Луан Старова, Влада Урошевиќ, Венко Андоновски, Драги Михајловски, Оливера Николова, Блаже Миневски, Никола Маџиров, Кица Колбе, Лидија Димковска како и делата на многу други автори од Република Македонија, кои ја одбележаа современата македонска литература, ќе бидат изложени на специјално дизајниран штанд. Посетителите на саемот ќе имаат можност да се запознаат со книжевното творештво на Република Македонија, но и со нашето богато културно наследство, преку стилизираните мотиви на македонските културни и историски вредности. Промотивниот материјал ќе овозможи гостите на нашиот штанд да се запознаат со севкупните потенцијали на РМ, со македонската традиција, историја, уметност, култура. На саемот на книгата во Франкфурт ќе бидат промовирани и капиталните проекти на Владата и Министерството за култура, а воедно ќе биде афирмиран и Конкурсот за превод на дела на македонски автори од страна на издавачките куќи од странство – рече Канческа-Милевска.
Таа изрази уверување дека претставувањето на Република Македонија во Франкфурт ќе има големи придобивки во контекст на промоцијата на литературата и издаваштвото на Република Македонија во странство и дека од ова претставување ќе произлезат конкретни Договори меѓу нашите автори и издавачки куќи и оние од светот. До крајот на годината нè очекува и претставувањето на 33. саем на книгата во Истанбул (во периодот од 8 до 16 ноември 2014 година) каде комесар е Сојузот на албанските издавачи кој преку својот проект „Мултиетничка и европска Македонија“ ќе презентира дела од најпознатите македонски и албански автори, но и дела на автори од другите националности кои живеат во Република Македонија. Презентирањето на издавачката продукција од Република Македонија на меѓународните саеми на книгата во светот и понатаму останува врвен приоритет на Министерството за култура. Оваа тенденција за осмислено и комплексно претставување на саемите ќе продолжи и во иднина, бидејќи само на овој начин, ќе ги постигнеме посакуваните ефекти и државата ќе може да има повеќестран бенефит.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Македонски ден на Саемот на книгата во Франкфурт
-
Македонски ден на саемот на книга во Франкфурт: Големите предизвици на малите јазици
-
Стефано Бисачи, агент за издаваштвото од Италија: Не постои формула за успех која гарантира бум на една книга
-
На саемот во Франкфурт, сè поголем интерес за македонската детска литература


