Од болницата денеска на прес-конференција истакнаа дека по две-три недели поминати со асистирано дишење кај бебето старо 34 дена, еден крвен сад кој ги поврзува големите артерии (dictus arteriosus) останал отворен, интервенирањето со лекови не помогнало и затоа морало да биде направена интервенција.
Шефот на Одделот за кардиохирургија, проф.д-р Салис Таџер, кој заедно со својот тим успешно ја извршил интервенцијата, рече дека хируршкиот зафат не бил изведен во операциона сала, туку во инкубаторот каде што се наоѓало бебето. По интервенцијата, посочи тој, бебето почна слободно да дише.
Нагласи дека тежината на бебето била под еден килограм и затоа интервенцијата била многу ризична.
Доктор Симонида Спасевска рече дека бебето сега има седум месеци и тежи 5 килограми.
Мајката преку писмо до болницата раскажува дека направила неколку ин витра.
– Во 2013 дојде на ред четвртото ин витро. Повторно со д-р Слободан Лазаревски, рака под рака, влеговме во нова борба. Повторно две недели чекање, овој пат првпат решив да не го земам лично резултатот. Го испратив сопругот. Некако мислев дека чекањето дома ќе биде полесно отколку во болница. Но, не беше… Телефонот заѕвоне… Дарко: Бета 281! Уште еден позитивен резултат. Без разлика колку пати го доживеавме тоа, секогаш плачев од срце. На првиот преглед го слушнавме како чука срценцето на Катја. Малиот јунак веќе беше зачнат. Мало олеснување, бевме еден чекор понапред. Бременоста напредуваше, но стравот беше присутен во секоја клетка од моето тело. Се молев секој ден Господ да го чува ова бебенце. Бременоста беше патолошка и иако бев во целосно мирување, во текот на целата бременост се соочував со проблеми – раскажува мајката.

Фото:Телеграф.мк