| четврток, 6 декември 2018 |

Македонија првпат на Саемот на книгата во Гетеборг

kniga

Во Гетеборг денеска почна меѓународниот јубилеен, 30-ти Саем на книгата, најголема книжевна манифестација од таков вид во Скандинавија, кој ќе трае до 28 септември, а во чија програма првпат со свој штанд се претставува и Република Македонија. Овој саем е најголем според посетеност во скандинавските земји, со околу 100.000 посетители, и втор по франкфуртскиот во Европа. На него се промовираат национални литератури и се нудат автори од целиот свет, а во фокусот се авторските права.

За одбележување е дека Македонија и Романија се единствени земји од Југостична Европа кои годинава со свои штандови се претставуваат во Гетеборг.

Во рамки на програмата на македонскиот штанд, зад која стојат „Македоника литера“ и Министерството за култура, в петок во 15 часот ќе се одржи поетско читање на кое, меѓу другите, ќе настапат познатите шведски поети Ласе Содерберг и Кенет Клеметс.

„Македонско пладне“, в сабота во 12 часот, кое ќе содржи поетска средба, изложување дела од македонски автори преведени на шведски јазик и дела од шведската литература преведени на македонски, промоција на понови изданија, но и на 130 тома македонска книжевност, претставување на најквалитетната и најрепрезентативната понова македонска издавачка продукција, дела од уметничката литература, монографски, научни, историски и културни вредности, како и на културното наследство, се исто така дел од планираните активности за промовирање на Македонија.

Изготвен е и специјален каталог во кој се претставени 20 современи писатели од Македонија. Од нив четворица, Луан Старова, Венко Андоновски, Лидија Димковска и Ивица Челиковиќ, се присутни на Саемот.

По завршувањето на Саемот, дел од книгите што ги донесе македонската делегација ќе им бидат отстапени на македонското друштво „Гоце Делчев“, кое има своја мала библиотека, како и на Градската библиотека во Гетеборг која во изминатите неколку години го збогатуваше својот фонд на изданија од Македонија, меѓу другото и преку соработката со Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ од Скопје.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top