| четврток, 6 декември 2018 |

Вечерва премиера на „До балчак“ на „Браќа Манаки“ во Битола

do balcak1

Вечерва со почеток во 20 во Домот за култура во Битола ќе се одржи свечена премиера на најновото филмско остварување „До Балчак“ на македонскиот режисер Столе Попов.

Филмот  е историски спектакл, приказна за комплексен четириаголник помеѓу бескомпромисен и идеалистичен востаник, безмилосен турски офицер, богат „татин“ син опортунист кој се враќа дома по завршени студии во Европа и една луцидна и слободоумна Eвропјанка во потрага по авантура, која ги залудува тројцата мажи и предизвикува серија на настани со далекусежни и несогледиви последици. Ликовите минуваат низ бурни судири, доживуваат катарзични искуства и стекнуваат длабоки нови самосознанија. Филмот е суровa и романтична сторија која ја испитува вечната македонска кауза за сопствен идентитет и самостојност низ призмата на релативноста на поимите на слобода, правда, љубов, жртвување и предавство. Приказната ги драматизира и пародира митот и анти-митот на исток и запад, на Европа и Балканот. Таа ги усвитува до жижа парадоксите и апсурдите на македонската историја. Фатен во стапица, еден од ликовите ја декларира својата радикална философија: „Ебати животот, ако не си подготвен да умреш за него“! Ако традиционалниот американски жанр е Вестернот, т.е. приказна од дивиот запад, овој филм е неговиот источен пандан, Истерн, приказна од „дивиот„ исток.

Филмот е работен по сценарио на Горан Стефановски, ко-сценарист Столе Попов, директор на фотографија е Апостол Трпевски, музиката е на Дуке Бојаџиев, сценограф  Миленко Јеремиќ, костимограф Емилија Ивановска, а главните улоги ги толкуваат: Инти Шрај, Мартин Јордановски, Сашко Коцев, Тони Михајловски, Мики Манојловиќ, Искра Ветерова, Никола Којо, Сенко Велинов, Никола Ристановски.

Филмот е во ко-продукција помеѓу Триангл филм, Сектор Филм, ФХ3Х и Македонска Радио Телевизија, финансиран со средства од Владата на Република Македонија, Министерство за култура, Агенцијата за филм на Република Македонија.

„До Балчак“ се снимаше летото во 2012 година на локации во Битола, Скопје, Демир Хисар, Охрид, Штип и Прилеп.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top