| четврток, 6 декември 2018 |

Над 2.000 грла во Македонија угинаа од болеста „син јазик“

овци

Состојбата со болеста „син јазик“ кај добитокот станува алармантна. Надлежните велат дека вкупната бројка на угинати животни досега е над 2.000, а болеста најмногу ги има покосено овците. Болеста е присутна во 42 општини и има 720 жаришта, каде вкупно се заболени од 10.000 животни.  Според проценките бројката на угинати животни се очекува да достигне околу 5.000. Се очекува болеста да почне да смирува дури следниот месец, кога и животниот век на преносителите односно мушичките се намалува.

– Состојбата е сериозна а најкритично е во источна Македонија каде што има најмногу жаришта. Ограничувањата за забрана на движење на добиткот секаде важат а сите добиточни пазари се затворени. Ветеринарните доктори се постојано на терен и состојбата се следи. Ние уште кога се појави болеста побараме од општините прскањето против комари да го спроведат порано од планираните рокови, според нашите информации некои општините веќе прскале, но некои не. Секако дека прскањето против комарци нема да ја спречи појавата и ширењето на болеста, но сепак во некоја мера ќе ја ублажи. Остануваат препораките за фармерите да го отстрануваат органскиот отпад на кој обично се собираат мушичките, да ги чистат редовно фармите, хигиената да ја држат на високо ниво, одвоено да ги чуваат заразените животни и да им даваат витаминска терапија. Не очекувам дека ќе има ценовни шокови во однос на крајните производи, вели за Фактор директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Дејан Рунтевски.

Бидејќи следниот месец е мулиманскиот празник Курбан Бајрам кога се заколува добиток повеќе од вообичаеното, од Агенцијата велат дека можно е да се направат некакви остапки од ограничувањата на движењето на животните заради празникот.

Во меѓувреме добиточните пазари остануваат затворени се додека болеста комплетно не се повлече.

Болеста син јазик ќе доведе до одредено намалување на веќе намалениот број на добиток. Податоците покажуваат дека во изминативе години бројот на овците, говедата и козите се намалува. Посебно е загрижувачка состојбата со овците,  од 817 илјади овци во 2009 година, лани бројката е намалена на 730 илјади овци.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top