| четврток, 6 декември 2018 |

„Луси“ на Лук Бесон од утре во „Синеплекс“

Од режисерот на „Никита“, „Професионалец“ и „Петтиот елемент“, Лук Бесон, човекот кој ги создаде некои од највпечатливите акциони херои во филмската историја ни пристига новата хероина „Луси“. Акциониот трилер со Скарлет Јохансон и Морган Фримен во главните улоги, ја истражува можноста на еден човек да искористи 100% од капацитетот на својот мозок и да влезе во најдлабоките сфери на умот.

Бесон ја создаде најнемилосрдната, најопасна акциона женска хероина во модерната филмска индустрија. За главната улога во овој филм морал да најде глумица која ќе биде еднакво уверлива како исклучително ранлива особа и како некој кој поседува супер моќи. Тој вели „Луси е обична девојка која се забавува со пријателите низ Азија, секоја вечер на различни забави. Таа го открива животот, но ќе го открие на тежок начин…и ќе отиде многу подалеку отколку што очекувала.“

За изборот на Скарлет Јохансон како главна хероина тој изјавува дека бил импресиониран од нејзината дисциплина. Додава дека таа била прецизна и професионална од самиот почеток. „Кога се запознавме, Скарлет го прочита сценариото и навистина уживав во начинот на кој зборуваше за него. Беше возбудена поради вистински причини, приказната. Во тој момент знаев дека таа е вистинската особа за оваа улога.“

Јохансон објаснува дека еден од нејзините интереси да ја одигра улогата на Луси е заснован на фактот дека тој лик е во „преодна фаза на почетокот на приказната. Се обидува да се открие себеси и чувствува дека треба да го среди својот живот.“ Таа додава, „Филмот поставува комплицирани егзистенцијални прашања. И сето тоа што го замислив како треба да изгледа филмот, според описот на сценариото е бледо во однос на она што Лук го реализираше.“

Бесон смислил и метод кој ќе и помогне на Скарлет да влезе во ликот. Тој објаснува: „Смисливме нешто многу интересно што Скарлет го чуваше на ѕидот и кое и помагаше да сфати каква реакција сакам од неа кога ќе и кажам да глуми 25% или 50% или 70% од нејзиниот капацитет на мозокот. За секои 10% направивме табела во која впишувавме што може да се направи со тоа ниво на знаење и способност. Тоа беше добар водич. Секое утро би погледнала во табелата за да види која девојка треба да ја игра. Ако ја погледнете Луси на почетокот и Луси на крајот, тие немаат ништо заедничко. Кога дојдовме на снимањето, Скарлет беше извонредна. Што и да побаравме, таа би рекла „добро“. Беше подготвена да проба сè.“

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top