| четврток, 6 декември 2018 |

Во Чаир најмногу џихадисти!?

Al Quds brigades pose in Gaza

Сите македонски државјани што досега загинале во конфликтот во Сирија, борејќи се на страната на исламистичките групи, биле следбеници на салафизмот, наведуваат безбедносни извори за Дневник. Од девет официјално потврдени џихадисти од Македонија што загинале во конфликтот, седум се родени во Скопје. Двајца од загинатите биле иселеници во Германија, а еден во Австрија, и од тие земји заминале во конфликтот. За ниеден од нив нема податоци дека се образовал во некоја арапска земја. Според изворите, сите биле на возраст од 25 до 38 години, главно со средно образование и од средноимотни семејства. Освен двајца, другите биле неженети. Нивната идеологија, салафизмот, изворите ја опишуваат како изворно толкување на исламот блиско до вахабизмот или секта со сопствено толкување на светите текстови. Од оваа секта, нагласуваат, потекнуваат речиси сите џихадисти од Босна и Херцеговина, Санџак и од Kосово што се борат во Сирија.

Македонските џихадисти се бореле против владините сили во Сирија, на страната на двете најголеми исламистички фракции, Јабха ал-Нусра и Исламската држава.

Според официјалните податоци досега во Сирија загинале петмина жители на скопската населба Чаир.

Жител на таа населба е и последниот македонски државјанин што загинал во конфликтот, Џелал Самакова (23), кој во војна заминал во април, а загинал минатиот четврток. 

Во јули годинава во Сирија загинал Бурхан Беслими (23), жител на Чаир, следбеник на салафизмот. За него се знае дека бил неженет, потекнувал од средно ситуирано семејство и работел во продавница. И Беслими и Самакова биле припадници на Исламската држава.

Чаирчанец бил и Б.Ш. (24), продавач, кој во Сирија загинал во ноември лани. Од таа населба во Сирија загинале и Ријад Мемиши (23), кој загинал истиот месец, и студентот Башким Бела, кој загинал во август годинава.

Единствениот кумановец што досега загинал во Сирија е Аднан Реџепи (25), кој загинал во мај годинава.

Тројца иселеници досега се евидентирани како жртви на војната во Сирија, а се бореле во исламистичките групи. Оџата Сами Абдулаху (38) загинал во летото 2013 година, во обидот на исламистите да го заземат затворот во Алепо. Абдулагу бил школуван во медресата во Kондово, потекнувал од доброситуирано семејство, а добил отпуст од македонското државјанство за да добие државјанство на Германија, каде што живеел и од каде што заминал во Сирија. Во истата битка загинал и Ниметула Химери (38) по потекло од скопски Грчец, кој исто така имал германско државјанство. Ниметула бил сопственик на неколку локали во Берлин. 

Последниот официјално евидентиран џихадист од Македонија што загинал во Сирија е Расим Зеќири (29) од гостиварско Беловиште, иселеник во Виена, Австрија, од каде што заминал во конфликтот. Зеќири е еден од двајцата женети џихадисти во групата, бил доброситуиран, а загинал во борбите во пролетта 2013 година.

Медиумите на албански јазик во Македонија досега известија дека во Сирија загинале и извесни Алим Османи (22) и Егзон Авдили од Скопје, но нивните имиња ги нема во досега потврдената листа со македонски државјани.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top