| четврток, 6 декември 2018 |

Грчки медиуми: Најавата на Попоски е грешка, несреќен инцидент или намерна провокација

Nikola-Poposki-int99-2
„Грешка, несреќен инцидент или намерна провокација и притисок врз Грција“, се главните коментари во денешниот грчки печат за вчерашното официјално најавување на шефот на македонската дипломатија Никола Попоски на Самитот на НАТО во Кардиф како „министер за надворешни работи на Македонија“.

„Катимерини“ и „Прото тема“ пишуваат дека таквото најавување на Попоски предизвикало бес и непријатност кај грчката делегација во Кардиф која го оценила како „несреќен инцидент“ и најавила формален протест до НАТО и до Велика Британија како организатор на Самитот.

Притоа се потсетува дека Лондон веќе подолг период го користи името Македонија наместо „поранешна југословенска република Македонија“.

Дел од медиумите оценуваат дека не станува збор за грешка на најавувачот туку за притисок врз Грција во врска со прашањето за името што го кочи приемот на Македонија во НАТО.

„Авги“ пишува дека се очекува голем притисок врз премиерот Андонис Самарас и шефот на дипломатијата Евангелос Венизелос во Кардиф, особено од германската канцеларка Ангела Меркел, која на недомнешниот состанок со лидерите на земјите од Западен Балкан во Берлин кажа дека спорот за името мора да се реши со компромис од двете страни.

Прашањето за примот на Македонија во НАТО се очекува да го покрене и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, кој денеска ќе има билатерална средба со Самарас.

Грчките медиуми ја пренесуваат и вчерашната дебата во Парламентот меѓу пратениците од опозициската СИРИЗА Тедорос Дрицас и на владејачката Нова демократија Адонис Георгиадис за иднината на Грција во НАТО.

Георгиадис, поранешен член на националистичката партија ЛАОС и министер за здравство, ја обвинил СИРИЗА дека се залага за излегување на Грција од Алијансата.

Дрицас, пак, кој е задолжен за секторот одбрана во СИРИЗА, одговорил дека напуштањето на НАТО е нивна стратегиска цел. Тоа, според него, не мора да се направи веднаш, туку постепено. НАТО, вели Дрицас, е формиран во време кога постоле различни геостратегиски интереси и услови, но сега како механизам веќе е надминат и не и е потребен на Грција.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top