Во петтиот натпревар од квалификациите за Европското првенство во кошарка во 2015 година во СЦ „Борис Трајковски“ Македонија води против аутсајдерот во групата Д Данска со 41-29.
Уште од самиот почеток избраниците на селекторот Александар Џикиќ го почнаа натпреварот сериозно во одбраната и со изградени акции од минута во минута ја зголемуваа предноста.
Во првата четвртина одлично одигра Дамјан Стојановски кој забележа 10 поени и три асистенции. Одличен беше и Хендрикс со седум поени и четири скока.
Во втората четвртина селекторот го повлече од игра Стојановски бидејќи заработи две лични грешки набрзина.
Откако ги одмори на клупата играчите кои го започнаа мечот, Данска се закани со неколку брзи акции и со удари од далечина и го намали водството на само 4 разлика.
Веднаш реагираше клупата на нашата репрезентација и во игра се вратија Стојановски и Хендрикс кој е нерешлива енигма под двата обрачи. Во нападот добива навремени аисстенции за реализација, а во одбраната подели неколку блокади и фати дури седум топки под обрачите од кои три офанзивни скока.
Како и на претходниот натпревар против Белгија, Македонија има слаб процент за ударите за три поени. Реализираше само четири од 15 обиди.
Хендрикс е лидер на листата на стрелци со 13 поени, а по него следуваат Дамјан Стојановски со 10 и Дарко Соколов со седум коша.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.