| четврток, 6 декември 2018 |

Обновената куќа на Калеш Анѓа ја оживува легендата

Името ѝ останало запаметено благодарение на познатата народна песна „Ајде слушај, слушај, калеш бре Анѓо“, како и по романот на писателот Стале Попов

Селото Старавина, некогаш центар на општина Старавина, е дел од Мариово, кое е лоцирано во јужниот дел на Република Македонија, покрај средното сливно подрачје на реката Црна, од сите страни заградено со пространи планински масиви: Ниџе и Кожуф од југ, Селечка Планина од запад, Дрен Планина од север и Козјак со разграноците на Кожуф од исток. Во овие свои граници просторот Мариово, според некои автори, зафаќа површина од 1.038 квадратни километри и претставува четири проценти од вкупната територија на Република Македонија, со просечна надморска височина 700-1.000 метри.

Во опишаните граници на регионот често биле населени повеќе од 40 населби од кои денес неколку не постојат под ударот на турските зулуми, миграцијата, емиграцијата и суровите услови на живеење.

Денес во Мариово ги нема селата: Трново, Врпско, Гудјаково, Петалино, Клиново, Туманово, ‘Ржаново, Костеново, Лешница, Лисец, Сатока, Црничани, Мелница, Пешта и Калиште, а останале да постојат следниве населби: Вепрчани, Витолиште, Бешиште, Живово, Дуње, Кален, Кокре, Крушевица, Манастир, Пештани, Полчиште, Чаниште, Брник, Будимерци, Градешница, Зовиќ, Ивени, Маково, Старавина, Рапеш, Орле, Груниште, Рожден, Галиште и Мајдан.

Споменатите населби, според народот на Мариово, се простирале во Горно и во Долно Мариово. Па и самите Мариовци се нарекувале така.

Reportaza101-2

Според народното мислење, Мариовците се досетливи луѓе, силни и инаетливи борци против неправдата. Зад ваквиот став стојат многу приказни низ историјата. Една од нив е токму и легендата за Калеш Анѓа.
Кога ќе се спомене името на Калеш Анѓа сите си споменуваат за девојката што стана синоним на македонската борба против потурчувањето. Денеска посетителите само од раскажувањата на локалните жители на Старавина може да слушнат за тешката судбина на девојката од Сирмино маало, која била грабната од Турците, и која, и покрај привлечни ветувања за раскошен живот во харемите, ја одбранила својата чест. Името ѝ останало запаметено благодарение на познатата народна песна „Ајде слушај, слушај, калеш бре Анѓо“, како и по романот на писателот Стале Попов.

– Црномурната Анѓа му запнала за око на кадијата, кој ја грабнал и ја однел во своите сараи во Прилеп. Никако не можел да ја потурчи, а ја ослободиле селаните, што било повод за Мариовската буна. Организирале одбрана во тврдината Пешта, а Турците оставиле два жедни коња да ријат по земјата за да им го најдат и секнат изворот со вода. Така ги натерале да излезат и да се борат. Анѓа ја однеле во Цариград, каде што се сретнала со нејзиниот брат Анѓеле, кој бил јаничар, и се препознале по бенката на ногата. Никогаш не се потурчила – раскажуваат жителите на Старавина.

Романот на Стале Попов на најсликовит начин ја опишува состојбата на нашиот народ за време на турското ропство. Испреплетувајќи повеќе мотиви, Стале Попов успеал да ги долови можните случувања во тој период. Бунтот на македонскиот народ, противењето за потурчување на самосвесната македонска мома, честа, предавството, маките на кои се изложени Македонците… и што ли уште не.

– Има дела што не претендираат за високо место во книжевната историја. Па, сепак, тие долго или трајно остануваат во неа: како меѓници, некогаш и како потсетници. Едно од таквите дела е, несомнено, и повеста „Калеш Анѓа“. Стале Попов нурнува длабоко во историјата, и како во тоа да постои извесен систем: да се разгрне минатото, да ни се покажат корените – ќе рече Миодраг Друговац за овој текст.

Reportaza101-3

Приказната на Калеш Анѓа е испреплетена од повеќе мотиви: Тој за близнаците, разделени и пронајдени, е испреплетен со бунтот на самосвесната македонска мома против потурчувањето. Стале Попов, еднаш разделените близнаци, не ги спојува во натамошниот, иден живот. Секој од нив останува во тој свет во кој живеел и претходно. И двајцата еднаш разделени продолжуваат да живеат еден без друг. Но, трогателна е средбата на сестрата и на братот бидејќи без оглед на тоа што кај Анѓа никако не може да надвладее сестринската љубов над свеста дека при избликот на емоциите би требало да гушне Турчин, љубовта, сепак е безгранична и таа му го посакува доброто на саканиот, го посакува токму тоа што за саканиот е најдобро во рамките на новиот свет во кој живее.

Тажната приказна за Калеш Анѓа родум од Старавина и денеска се раскажува.

– По кажувањето, Анѓа била многу убава. Имала брат-близнак, кој бил грабнат од Турците и образуван во Цариград. Кога ја грабнале Турците Анѓа и ја извеле пред нејзиниот брат се познале по белегот – вели Трајко Стојановски од Старавина.

Reportaza101-5

Нејзината куќа и ден денес стои во Старавина и сведочи за времето кога таа живеела. За објектот да остане автентичен, но и да го победи забот на времето, со прекуграничен проект, Општина Новаци преку програмата ИПА на ЕУ се погрижи куќата да ја реставрира автентично каква што била, под надзор на стручњаците од битолскиот Завод и музеј. Санирана е покривната конструкција, меѓукатниот простор и ѕидовите со камено градителство карактеристично за Мариово, кое има за цел да биде зачувано за идните генерации.

– Куќата е ѕидана од камен и од бела земја автентична за овој крај. Каменото градителство е карактеристично за Мариово и затоа целта ни е да го зачуваме за идните генерации бидејќи куќата е на една од најголемите македонски народни хероини. Оваа куќа долго беше оставена на забот на времето. Аплициравме до европските фондови и таа сега ќе биде пример за нашето градителство – вели Лазар Котевски, градоначалник на општина Новаци.

Мариовската куќа е ѕидана од камен, што е сосема разбирливо, не е малтерисана ни однадвор, ни однатре. Се состои од една просторија, без душеме, со две врати: една голема на средината од едниот ѕид и друга мала, колку за човек да помине, на средината од спротивниот ѕид. Просторијата е поделена на два дела со долга греда испружена наземи на средината, од едниот до другиот ѕид и се вика долно било. Нагоре од билото е горни крај, за живеење на луѓето, а надолу – долни крај – за живеење на домашните животни. Затоа овој дел се вика и пондила. На горни крај е спружена друга греда, горно било, за седење на гостите; тука е тланикот, подѕидок покрај ѕидот, за секојдневно седење на домашните луѓе. На средината од горни крај е ископана четвртеста дупка, од страните опточена со камени плочи. Тоа е огништето во кое се „вали“ оган, на кој се пече леб, погача, булиња, се вари манџа, се топли вода и се греат домашните во зима. Од десната страна на огништето е машкиот кат, а од левата – женскиот. На машкиот кат се оставаат само триножни столчиња за домашните и за гостите, ако не седат на горното било. Во ѕидот на оваа страна има набиено два-три кола, на кои во зима се обесуваат водените сакми и гуни или котле со вода, да не го локаат пците или да го избербатат прасињата. Во ќошот на женскиот кат стојат ноќвите. До нив крбла со брашно или амбарче кај чорбаџиите, а најдолу се наредени подниците и вршниците. Над нив е кацата за посипување.

– Објектот е типичен за селската рурална средина на Мариово има претсобје и други простории за посетители. Автентичниот изглед е предуслов при реконструкцијата бидејќи сѐ мора да биде како што било во минатото – вели Зоран Алтипармаковски, виш конзерватор од Заводот и музеј – Битола.

Reportaza101-4

Реновирањето се врши целосно според проектот и во духот на традицијата. Освен етномузеј, овој објект ќе има и сместувачки капацитети.

Куќата на македонската хероина Калеш Анѓа наскоро ќе ги прими и првите посетители по реконструкцијата, која се изведуваше во изминатите месеци. Објектот долги години беше запуштен и руиниран, но сега блесна во сиот сјај и ја оживува легендата за убавата Анѓа.

Овој објект е дел од македонското културно наследство. Во рамките на проектот е влезена и изградбата на патеки и поставувањето клупи околу објектот, така што и просторот околу него е целосно уреден. Предвидено е да се обноват и амбарот и старата фурна, кои се наоѓаат во дворот.

Љупчо Дамчевски е сопственикот на куќата на Калеш Анѓа во Старавина, која е опфатена со проектот за реконструкција „Жива природа – жива историја“. Тој потпишал изјава дека се согласува да се изврши реконструкција на куќата во согласност со проектот на проектантското биро „Иванов инженеринг“ и стручното мислење на НУ Завод за заштита на спомениците – Битола.

Куќата на Калеш Анѓа, која е овековечена во романот на Стале Попов, досега беше оставена на забот на времето, беше пред распаѓање, со разнишани ѕидови, обрасната со треви и со затворени порти. Сега таа го доби заслужениот сјај и сѐ уште стои на оригиналните темели во Старавина.

 

(Пишува: Невена Поповска
Текст објавен во 101. број на неделникот „Република“, 8.08.2014)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top