Белорусија заедно со Белгија ќе биде главен конкурент на Македонија за едно од првите две места во групата Д, кои со голема сигурност гарантираат настап на Евробаскетот следната година.
Токму Белорусите ќе ни бидат следен противник во Минск на 17 август, во дуел што може да биде клучен за целиот квалификациски циклус. Пораз на домаќините ќе значи визирање на македонските пасоши за петтиот настап на Европско првенство, а победа на Белорусија ќе ја задржи неизвесноста.
„Нашата кошаркарска репрезентација е енигма и за нас во Белорусија. Набрзина се состави тим, експресно избравме селектор, кој не е премногу познат во светот на кошарката, но надежта за прв пласман на ЕП останува. Треба да се победи Македонија в недела, а потоа и да им се реваншираме на Белгијците за да останеме во игра. Победи само против Данска нема да ни значат ништо“, е дел од коментарот на новинарите од порталот „sb.by“.
Белорусија на стартот ја декласира Данска со 25 поени разлика, но „падна“ на првиот посериозен тест, вчера во Шарлроа против Белгија, каде што се поразени со 57-71. Пораз на домашен терен во овие квалификации, значи речиси сигурна елиминација, а триумф во Минск за Македонија би бил речиси сигурен чекор кон ЕП 2015 година.
Нов селектор на Белорусија токму од овој квалификациски циклус е Србинот Гвоздиќ, најмладиот тренер на репрезентација во сите 7 групи.
Главни адути на Белорусите против Македонија ќе биде квартетот Пустахвар (постигна 24 поени со Данска), Литич, Ситник и бекот Кудравцев, кој беше најефикасен со 15 поени во поразот од Белгија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.