
Македонското книжевно творештво ќе биде претставено на меѓународните саеми на книгата во Франкфурт, Истанбул и на саемот во Гетеборг, со поддршка на Министерството за култура.
Македонската литература оваа година првпат ќе биде претставена на Саемот на книгата во Гетеборг, најголемата книжевна смотра во Скандинавија, што ќе се одржи од 25 до 28 септември. Комесар на македонското претставување е издавачката куќа „Македоника литера“. Македонија на 30-тото издание на Саемот во Гетеборг ќе биде претставена со мултикултурна програма, на простор од близу триесетина квадратни метри. Приоритетно место во претставувањето ќе имаат литературата и издаваштвото, но ќе бидат промовирани и културното наследство, историјата и културниот туризам на нашата држава. Намакедонскиот штанд ќе бидат презентирани дела од поновата издавачка продукција, дела од уметничката литература, монографски, историографски и друг вид научни дела, дела од македонската литература преведени на други јазици, дела од македонски автори преведени на шведски јазик и дела од шведски автори преведени на македонски јазик. Веќе е подготвена и посебна брошура на англиски јазик, во која ќе бидат претставени 20 современи македонски автори. На македонскиот штанд ќе биде презентиран рекламен материјал за културните и природните убавини, за културниот туризам на Република Македонија, а ќе се одржи и „Македонско пладне“.
Дел од книгите кои ќе бидат презентирани на Саемот ќе бидат подарени на Македонскиот сојуз во Шведска за оформување на Македонска библиотека во Гетеборг, а дел ќе бидат подарени на Градската библиотека од овој град во која има посебно одделение за книги на странски јазици, вклучувајќи го и македонскиот јазик.
Саемот на книгата во Гетеборг е најголемиот во Скандинавија и е еден од најатрактивните саеми за издавачите и агентите за авторски права во светот, особено поради фактот што токму оваа држава ја доделува највисоката награда во оваа област, Нобеловата награда за книжевност.
Меѓународниот саем на книгата во Франкфурт кој ќе се одржи во периодот од 8 до 12 октомври, е несомнено најзначаен меѓународен саем на книгата во светски рамки со застапеност на речиси сите значајни субјекти во издавачката дејност, како и на сите релевантни институции поврзани со издаваштвото, фондови за превод и публикување, национални штандови, библиотеки итн. Република Македонија на оваа значајна саемска манифестација ќе ја претставува Здружението на издавачите и книжарите на Македонија од Скопје. Во рамки на претставувањето ќе биде издадена специјална публикација со избор и превод на кратки извадоци од творештвото на најзначајните македонски современи автори. Покрај промоцијата на публикацијата ќе биде презентиран и промотивен материјал за Република Македонија, со цел уште потемелно претставување на книжевноста, но и на македонската култура и културно наследство.
Со поддршка на Министерството за култура во периодот од 8 до 16 ноември 2014 година, Сојузот на албански издавачи ќе ја претставува Република Македонија на 33-тото издание на Саемот на книгата во Истанбул. Сојузот на албански издавачи преку својот проект „Мултиетничка и европска Македонија“ ќе презентира дела од најпознатите македонски и албански автори, но и дела на автори од другите националности кои живеат во Република Македонија. Саемот во Истанбул претставува еден од најзначајните саеми на кој присуствуваат издавачи од целиот свет.
Македонското литературно творештво во изминатите години редовно беше претставено на позначајните меѓународни саеми на книгата во Франкфурт, Софија, Москва, Лајпциг, Париз, Болоња, Тирана, Белград и Истанбул.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


