| четврток, 6 декември 2018 |

Бархман: Грција воопшто не е подготвена да разговара за името!

„Многу би ме радувало доколку посетата на Нимиц на Скопје и Атина донесеше нешто ново! Но, моето искуство од разговорите кои ги имав во текот на престојот во Атина со претставници на владата (посетата беше во март годинава, н.з.), е дека Грција воопшто не е подготвена да разговара и дека го игнорира она што го бараат европските земји – расправијата околу Македонија да заврши, со што земјата ќе може да го продолжи чекорењето по европскиот пат. Јас не видов никакво раздвижување во Грција“, коментира за Дојче Веле социјалдемократот Хајнц-Јоахим Бархман, вицепретседател на Комисијата за европски прашања во германскиот Бундестаг.

birhman

Хајнц-Јоахим Бархман (фото: ДВ)

Иако како и целиот Бундестаг и Бархман е на летен одмор, сепак неделава неговото внимание е повторно насочено кон Македонија и Грција, поточно кон разговорите околу спорот со името во Скопје и Атина на посредникот на ОН Метју Нимиц. На прашањето на ДВ – до кога може да егзистираат ваквите „рутински“ посети, од кои Македонија нема голема добивка, Бархман одговара:

„Не знам! Но, треба да се има предвид дека Нимиц веќе 20 години го има статусот на специјален ополномоштеник на ОН за решение на името, што е државен проблем. Тој работата ја започна во 1994-тата и според мене 20 години би требало да бидат доволни. Можеби навистина се труди, но главно е дека – нема напредок“, забележува Бархман.

ДВ го праша Бархман: дали и како конкретно може да помогне Германија?

„Мислам дека Германија може многу да направи околу расчистување на патот на преговорите. Заради тоа, мора да се разговара со Грција. Меркел тука може да помогне. Добро е што имаме ситуација во која сите партии се единствени дека расправијата околу Македонија мора да прекине. Значи се’ останува на преговорите. Сакам да кажам дека со притисоци и санкции нема да се случи ништо“, оценува Бархман.

Тврдата грчка позиција тој ја објаснува и со примерот на наменски доделените 100 милиони евра од Германија за малите претпријатија и отворање работни места за младите во Грција. Како што вели, многумина веројатно по ваквата помош, како гест на добра волја би очекувале дека „грчката држава ќе олабави по прашањето околу името“. „Но чесно кажано, не гледам никакво поместување“, констатира Бархман.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top