Генералниот секретар на Светската туристичка организација Талеб Рифаи од денеска до 30 јули ќе престојува во официјална посета на Република Македонија.
Рифаи ја реализира посетата на покана на министерот за надворешни работи Никола Попоски, со кој ќе се сретне во вторник. Предвидено е Рифаи да се сретне и со премиерот Никола Груевски и да му предаде отворено писмо од кампањата на Светската туристичка организација „Глобални лидери во туризмот“, со кое се повикуваат шефовите на држави и влади да ги промовираат вредностите на туризмот при неговото унапредување и развој.
Генералниот секретар Рифаи ќе оствари повеќе средби со претставници од надлежните институции во областа на туризмот. Ќе го посети и Охрид, при што ќе реализира средба со заменик-градоначалникот на Охрид, Ангел Јанев.
Со Стопанската комора за туризам на Македонија ќе бидат потпишани и Заложбите на приватниот сектор кон Глобалниот код за етика во туризмот на Светската туристичка организација.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.