Македонија во континуитет и оваа година напредува според индексот на човековиот развој, се посочува во најновиот Глобален извештај за човековиот развој за 2014 година на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).
Во документот земјата е рангирана како 84. од 187 земји и спаѓа во категоријата земји со висок човеков развој.
– Граѓаните во Македонија можат да очекуваат дека ќе живеат 6,6 години подолго отколку во 1980 и дека ќе поминат 2,7 години повеќе во школо отколку што тоа би бил случај во 90-тите години. Исто така, националниот бруто-доход (БНД) по глава на жител е зголемен за скоро 17% од 1990 – се наведува во извештајот.
Документот, кој ги рангира земјите според Индексот на човековиот развој – индекс кој комбинира мерки на доход, здравје, и образование, како земји-лидери во 2014 во светот ги посочува Норвешка, Австралија, Швајцарија, Холандија и САД.
Земјите, пак, кои што забележаа најнизок степен на човеков развој се Сиера Леоне, Чад, Централната Афричка Република и Конго.
Во регионот, според Индексот за човековиот развој за 2014, Словенија е на 25 место, Грција на 29, Хрватска на 47, Црна Гора на 51, Србија на 77, Босна и Херцеговина на 86 и Албанија на 95.
Глобалниот извештај за човековиот развој констатира дека и покрај тоа што на глобално ниво човековиот развој бележи раст, сепак тој е значително успорен. Предупредува дека 2,2 милијарди луѓе се сиромашни или се на работ на сиромаштија. Воедно повикува на универзално обезбедување на основни социјални услуги и поодлучни политики за социјална заштита и вработување за сите за да се поттикне и задржи остварениот развој.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.