
Вечерва во Театарот за деца и младинци (19 часот) ќе се одржи премиерата на куклената претстава „Могли“. По 15 години од последната изведба на тогаш хит-претставата, режисерот Боњо Лунгов, овој пат со речиси целосно нова актерска постава ќе ги раскажува авантурите на Могли. Премиерата е во рамките на Скопско лето. Претставата му е посветена токму на актерот Игор Маџиров, кој неприкосновено го играше Могли една сезона, а претставата мораше да биде тргната од репертоар поради неговата прерана смрт.
– Премиерата му ја посветуваме токму нему, на нашиот најоргинален Могли кој никогаш нема да биде заборавен. Ова е уште едно камче во мозаикот на спомените за Игор Маџиров – рече директорот на театарот, Драган Довлев.
Претставата е работена според „Kнига за џунглата“ од Радјард Kиплинг.
Од актерите од првата претстава играат Тања Kочовска и Предраг Павловски, а новиот Могли го игра Мартин Јорданоски. Улоги толкуваат и: Марија Ѓорѓијоска, Ненад Митевски, Симона Спировска, Наташа Петровиќ и Мики Анчевски.
Јорданоски се заблагодари за укажаната шанса. Вели дека има само комплименти за старата изведба, но оти не бил оптоварен со тоа дали ќе го споредуваат со Маџиров.
– Верувам дека и Игор би се гордеел со креацијата која Јордановски ја создаде – рече Довлев.
„Могли“ по премиерата ќе биде на редовниот репертоар на Театарот од септември.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


