| четврток, 6 декември 2018 |

Македонски инвестициски потенцијали низ канадски фокус

Македонските економски и бизнис потенцијали влегуваат во фокусот на канадските инвеститори. Канадската влада, како одговор на засилената активност на Македонија и партнерите од регионот, се реши финансиски да го помогне економскиот форум на кој ќе се презентираат потенцијалите за инвестирање и водење бизнис во Македонија. Во рамките на новиот циклус активности за информирање и привлекување на канадските инвеститори Македонија ќе организира повеќе презентации и тркалезни маси во Отава, Монтреал, Торонто и Виндзор.

На првата презентација на македонските бизнис и инвестициски потенцијали на 26ти февруари во Отава, македонскиот амбасадор Тевдовски пред заинтересираните бизнисмени и Македонски иселеници во Канада потсети дека инвестирањето во Македонија значи директен пристап кон слободен пазар од 660 милиони жители.

„Македонската амбасада е посебно задоволна што и канадската влада го дели ставот дека нашиот регион е од значаен интерес за канадските бизнисмени и инвеститори. Подолг период, заедно со турските пријатели и други партнери од регионот, ја нагласуваме оваа реалност, но по успешното роуд шоу на македонскиот владин тим, одлуката на канадската влада да инвестира внимание и ресурси во нашите инвестициски потенцијали представува нов квалитет во економските релации.“- нагласи амбасадорот.

Значајниот интерес на повеќе канадски компании од областа на рударството, инфраструктурата и градежништвото за потенцијалите на Република Македонија беше и главна тема на средбата на македонскиот тим со Питер Хејл, главниот економски аналитичар и заменик директор на престижната Агенција за Промоција на Извозот на Канада (ЕДЦ). Од 3ти до 6ти април, потенцијалите на македонското рударство ќе бидат презентирани од страна на амбасадорот Тевдовски и економскиот промотор Георгиевска на една од најголемите светски конференции за инвестиции во индустријата со минерали во Торонто, а презентација на можностите за инвестирање и водење бизнис во Македонија ќе биде организирана и пред Комората на Виндзор, најголемиот центар на автоиндустријата во Канада.

На досега најголемиот економски форум за можностите за инвестирање и развивање бизнис во Југо-источна Европа, финансиски поддржан од Канадското министерство за надворешни работи и меѓународна трговија своја презентација ќе има и директорот на Агенцијата за странски инвестиции, Висар Фида.

Форумот за промоција на инвестициските потенцијали во нашиот регион е во организација на Атлантскиот совет на Канада, во соработка со Македонската амбасада во Отава, а овојпат доби и директна финансиска поддршка од Канадската влада. Во август минатата 2012 година Атлантскиот совет на Канада беше и локален партнер во организацијата на големото економско претставување на Македонија во Канада во рамките на економското роуд шоу на владиниот тим предводен лично од Премиерот Никола Груевски.

Извор: Macedonian united press

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top