| четврток, 6 декември 2018 |

Министерство за здравство: Поливалентните вакцини не ја зголемуваат смртноста

Министерството за здравство и Комитетот за имунизација како советодавно тело, следејќи ги препораките во областа на имунизацијата од страна на Светската здравствена организација, Европскиот Центар за заразни болести и останатите меѓународни здравствени агенции, одлучи во РМ да се воведат поливалентни вакцини (петто и шестовалентни), кои заштитуваат од повеќе заразни заболувања

vakcinacija-eb2dec6f

Со воведувањето на вакцинацијата како мерка за заштита на населението од заразни болести постигнати се најдобрите резултати во историјата на медицината. Бројни заразни болести се искоренети во светски рамки, голем број од нив се елиминирани, а голем број на заразни болести се ставени под контрола, се вели во соопштението на министерството за здравство, кое одговара на писмото од родители кои се залагаат за правото на избор на вакцинација.

Министерството за здравство и Комитетот за имунизација како советодавно тело, следејќи ги препораките во областа на имунизацијата од страна на Светската здравствена организација, Европскиот Центар за заразни болести и останатите меѓународни здравствени агенции, одлучи во РМ да се воведат поливалентни вакцини (петто и шестовалентни), кои заштитуваат од повеќе заразни заболувања. Во сегашниот календар за имунизација во употреба се тровалентни вакцини како Ди-Те-Пер и МРП вакцина. Воведувањето на новите петто и шестовалентни вакцини ќе доведе до намалување на  бројот на боцкања од 13 на 7, во првите 2 години од животот; бројот на очекуваните и непредвидените несакани реакции и  бројот на посети кај докторот.

За илустрација, статистичките податоци од Здравствен Дом-Скопје, покажуваат дека годишно се вакцинираат 55.000 деца на возраст од 0 до 18 години на територија на градот Скопје и околината, со опфат од високи 95 проценти за 2013 година.  Во текот на истата година се упатени вкупно 27 пријави до Центарот за јавно здравје за несакани појави од примена вакцина, а од сите пријавени случаи за ниту еден не е добиен документ за трајна контраиндикација евидентирана во службите за имунизација. Овие статистички податоци се минимални во однос на вкупниот број на реализирана имунизација.
Во составот на поливалентните вакцини, вакцината против ДТП ( дифтерија, тетанус и пертусиз-голема кашлица) е ацелуларна за пертузис која дава многу помалку несакани реакции од досегашната ДТП вакцина која е во употреба . Во составот на поливалентните вакцини вакцината против парализа е инактивна, и токму препорака на Светската здравствена организација е овој тип на вакцина да биде воведен во државите до крајот на 2015 година, место досегашната жива орална  вакцина против парализа.

Исто така, поливалентните вакцини се пакувани како  еднодозни, едно пакување (виала или шприц) за едно дете, не содржат тиомерсал и истите се безбедни за децата.

Поливалентните вакцини се воведени речиси во сите држави од ЕУ, во државите од поблискиот регион во Словенија, Хрватска, Црна Гора, Бугарија, Албанија, а од годинава се планира да се воведат и во Србија.
Согласно искуствата на земјите од Европскиот регион и останатите држави во светот, како и меѓународните здравствени агенции, поливалентните вакцини се безбедни за употреба кај децата.
На последниот организиран состанок од Светската здравствена организација пред една недела во Измир, на тема  воведување нови вакцини, на кој учествуваа 23 држави од Европа, меѓу кои и Македонија, најголемиот број од државите во своите календарии за имунизација презентираа употреба на поливалентни вакцини со позитивно искуство од примена на истите.

Со цел заштита на здравјето на децата во Македонија, Министерството за здравство и во иднина ќе ги следи препораките на Светската здравствена организација за воведување на нови вакцини, односно  осовременување на Календарот за имунизација.
Министерството за здравство и во иднина ќе продолжи да набавува проверени, безбедни и квалитетени вакцини, согласно барањата и препораките на Светската здравствена организација, се со цел обезбедување вакцинација  на децата согласно највисоките стандарди за квалитет и безбедност, се вели во соопштението од министерстово за здравство.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top