| четврток, 6 декември 2018 |

Борците од Македонија одбележаа 70 години од Пролетната противофанзива

Главниот одбор на Сојузот на борците на Македонија (СБМ) денеска одржа свечена седница по повод 70 години од Пролетната – мајска офанзива.

Според потпретседателката на СБМ, Вера Бунтевска, пролетната офанзива е отворање на патот за одржување на првото заседание на АСНОМ на кое, пак, се удрени темелите на македонската држава.

– Со одлуката на македонското воено и политичко раководство да се учествува во противофанзивата се разрешиле повеќе прашања. Со таа одлука се ограничила територијата на Македонија каде со мали сили и мудро водење на акциите успеале да победат многу поголема и организирана единица. Со таа победа се отворил и патот којшто водел кон АСНОМ – појасни Бунтевска.

За генералот во пензија Борис Стојановски, член на Сојузот на борците, пролетната офанзива е резултат на успешно спроведениот Февруарски поход.

– Окупаторот подготвувал офанзива за да ги онеспособи единиците на македонската војска и да ја вратат изгубeнaта територија од Февруарскиот поход. Офанзивата била добро подготвувана и во неа учествувале околу 75.000 добро вооружени непријателски војници. Оваа офанзива на окупаторските единици се претвара во противофанзива на партизанските единици на македонската војска. Ова е една од најголемите операции од воен аспект која се води во 1944 година каде окупаторските единици се поразени – истакна генералот Стојановски.

Според него, со оваа противофанзива, македонското политичко и воено раководство покажало дека може да води успешна борба со многу посилен, поброен и технички спремен непријател.

Пролетната офанзива временски траела од 25 април до 20 јуни 1944 година, а борбените дејства главно се одвивале во Македонија и Јужна Србија. На целата територија на Македонија во рамките на пролетната офанзива се воделе жестоки борби, при што во источниот дел на Македонија биле ангажирани околу 45.000, а во западниот околу 25.000 непријателски војници и нивни помагачи.

Според обемот и замислата на вое­ни­те дејства, Пролетната офанзива прет­ставува најголема воена операција што бугарските единици ја изведуваат на територијата на Македонија и јужна Србија во текот на првата половина на 1944 година, а нејзина главна цел била да се обезбеди слободен сообраќај на Германците од југ кон север по Моравско-вардарската долина.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top