Не треба да отпатувате надвор од Македонија за да поминете едно незаборавно патување. На југозападните падини на планината Осогово, на надморска височина од 870 метри, петнаесетина километри од Пробиштип, на старо вулканско подрачје е распослано селото Лесново, прославено по својот манастир посветен на св. Гаврил Лесновски и по црквата посветена на св. Архангел Михаил, комплекс попознат како Лесновски манастир.
За добре дојде во манастирот на жените им се даваат здолништа. Си има посебен ред и тој мора да се почитува. Веднаш добивате слика за заедница што функционира беспрекорно и во која секој миг од денот е детално испланиран. Точно се знае кога е време за литургија, молитва или за работа на манастирската економија. Секој од осумтемина браќа по Христа си ја знае својата обврска. Манастирскиот имот, добиен со денационализацијата, бара многу работа од нив. Одгледуваат пченица, грав, грашок, лук, кромид, пиперки, домати, зелка… потребни за нив и за добитокот на фармата за крави и за стадото овци.
– Некогаш тука престојувале 300 монаси, но имало периоди кога манастирот бил запуштен, па повторно возобновуван. До втората светска војна постоело братство со 20 монаси. По војната монасите биле протерани, имотот и стоката им биле одземени. Манастирот бил запустен сѐ до 1975 година, кога за игумен дошол велешкиот епископ Гаврил, кого го викале отец Гаврил Светогорец поради неговото осумгодишно престојување на Света Гора. До својата смрт во 1990 година направил многу за да се сочува манастирот, а по неговото упокоение до 1997 година немало никој. Благодарение на тогашниот архимандрит Иларион повторно се возобновило монашкото братство – раскажуваат монасите.
Се раскажуваат интересни приказни за опстојувањето на манастирот.
– Во турско време Мурат-бег дошол со многубројна војска во манастирот со намера да го разурне и да ги погуби монасите. Кога го потпишувал ферманот под црница, која расте во форма на крст во дворот на манастирот, похулил на Христа и на верата Христова. Веднаш потоа целата десна страна од телото му се парализирала и му се одзел видот, а истото се случило со неговите најблиски. Но, откако се покајал и побарал прошка од светителот, по молитвите на преподобниот Гаврил Лесновски, бог му го повратил видот и го исцелил. Тогаш Мурат-бег го оставил манастирот неповреден, му подарил 50 хектари земјиште, а под крстот на централното кубе поставил полумесечина, како знак за заштита на манастирот од османлиите. Лесновската лавра во средниот век имала преку 300 монаси, повеќе од 20 скита од кои некои и денес се живи, како „Свети Спиридон“ и „Источен петок – Балаклија“ – ни раскажаа во манастирот.
Постои мислење дека манастирот бил изграден во втората половина на 11 век, кога во краиштата северно од Брегалница силно бил развиен култот за пустиножителите, меѓу кои и за Гаврил. Се смета дека ктитор на црквата „Св. Архангел Михаил“ е деспотот Јован Оливер, кој во 1341 година ја подигнал врз темелите на постара базилика од времето на Гаврил. Најбележит период од постоењето на Лесновскиот манастир е средината на 15 век, кога тогашниот српски цар Душан ја назначил за седиште на новоформираната Злетовска епархија. Овој манастирски комплекс го сочинуваат црква, кула-камбанарија, магацинска зграда со неколку помошни простории и обновените конаци, подигнати во 19 век. Манастирската црква спаѓа во редот на крстообразни цркви. Нејзиниот куполест свод се потпира на четири цврсти столба. Олтарната апсида однадвор е шестострана. Нартексот бил изграден неколку години по подигањето на црквата. Над него, по углед на самата црква, се надвишува купола. Така, нартексот заедно со црквата чинат една компактна целина.
Голема лавра – најголема монашка република на овие простори
Во непосредна близина на манастирот се наоѓаат остатоци од некогашните преку 20 скитови (мали молитвеници во карпи), параклиси и пештерни испосници, кои го потврдуваат интензивното монашко живеење поврзано за Лесновскиот манастир, од дамнина наречен Голема лавра. Во манастирот некогаш имало и 200, до 300 монаси, вклучувајќи ги и тие што живееле наоколу. Тие ја формирале до тоа време најголемата монашка заедница на овие простори.
Во периодот помеѓу 10 и 14 век во Лесново е создадена големата Лесновска лавра, позната како најголема монашка република на Балканот, со преку 200 монаси во манастирот и стотина во околината во различни параклиси, пештери за испосници, но и скитови (мали молитвеници во карпа). Денес има остатоци од преку 20 скитови, разместени на атрактивни природни локации, неодминливи места за секој посетител на Лесново.
Фрескоживописот е дело на четири автори. Имињата на тројца од нив се потпишани врз цоклето. Името на четвртиот зограф е целосно избришано. Поради фактот што потписите не се ставени на секоја од одделните фрески, одредувањето на авторството е речиси невозможно. Прецизниот, чист цртеж со богата орнаментика и колорит доаѓа до израз на фреските со фигурата на архангел Михаил, потоа на портретот на ктиторот на црквата и на сцените со болните од краста, успение на света Богородица, Михаил го спасува Цариград од Сарацените и др.
Од живописот во нартексот се издвојуваат композициите од животот на Христа и од дејствата на светителите, како и илустрациите на Давидовите псалми. Портретите на цар Душан и на царица Елена се едни од најмонументалните во средновековното фрескосликарство. За првпат во оваа претстава се јавува Синот Божји, за разлика од вообичаената каде што ангелите се тие што ја имаат улогата на делители на венци.
– Во Лесновскиот манастир од особено значење е иконостасот од 1814 година, изработен во релативно покрупна резба од мајсторското длето на познатата мијачка копаничарска школа предводена од Петре Филиповски – Гарката, што воедно претставува и нивно првенче, по кое следуваат иконостасите во црквите: „Св. Спас“ во Скопје, „Св. Јован“ или Бигорскиот манастир, како и тој во црквата „Св. Никола“ во Крушево, кој заедно со црквата настрадал во пожар – раскажува монахот од овој манастир.
Според едно од житијата во средината на 11 век во селото Лесново живееле четворицата големи испосници, светители – Јован Рилски, Прохор Пчињски, Јоаким Осоговски и Гаврил Лесновски. Четворицата светители или како што ги именува народот, четворицата духовни браќа, речиси 30 години живееле во пост, молитва и во строг послужителски живот во пештера во тогашната многу густо пошумена лесновска гора во близина на селото Лесново. Откако оствариле духовна зрелост кај секој од нив се појавила потреба од поединечно продолжување на сопствената духовна мисија. Заминале на четири различни страни и изградиле манастири, при што Гаврил Лесновски останал во селото Лесново и го подигнал и основал Лесновскиот манастир.
До 40-тите години на 19 век во манастирот се наоѓала и една од најголемите библиотеки на Балканот, со голем број книги и ракописи, од кои голем дел се однесени во библиотеките во Софија, Белград, Загреб, Москва и во Санкт Петербург. Во манастирските конаци има параклис посветен на „Св. Наум Охридски“, а стисната меѓу конаците се издига висока кула од камен, најверојатно од 14 век, на која се наоѓа камбанаријата со ѕвоно од 1860 година. Kнижевното училиште во манастирот се нарекувало Скрипториум. Постоело уште од половината на 11 век , но имало и калиграфско (препишувачко) училиште формирано во 13 век.
Дудинката стара 600 години е една од трите на Балканот
Во дворот на манастирот има необична дудинка (црница) стара 600 години израсната во вид на крст. По допирот со нејзините плодови, кои се необично големи, вкусни и црни, нивната боја многу тешко се отстранува. Според домаќините – монаси во Лесново, на Балканот постојат само три такви дрвја, од кои другите две се во соседна Србија.
(Пишува: Невена Поповска
Текст објавен во 94. број на неделникот „Република“, 20.06.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Националната телевизија од Естонија ќе снима репортажа за Македонија
-
Кашкавалот од Лазарополе се продавал дури и во Египет
-
„Македонија: земја на питите, страста и изобилството“: прекрасна странска репортажа за храната
-
Јадранскиот град кој полека умира: Беше иднина на Мусолини, стана жртва на систематско запоставување