„Македонија ја среќава Австрија“ е насловот на двократното претставување на земјава во Виена. Средбата беше организиарана од страна на Македонската Амбасада во Виена и почесниот конзул, Вилхелм Ридер.
Во вкупно осум часа, на двете вечери, беа претставени бројни модели од дизајнерите Златко Јовановски и Марија Маци, оперската пејачка Ирена Крстеска изведе неколку арии од австриски и македонски автори, хорот на црквата „Св. Богородица“ од Скопје исполни неколку хорски композиции и македонски народни песни, а КУД „Македонка“ настапи со ора од разни краеви на Македонија.
На настанот, што се одвиваше во Паолос Ворлд во строгиот центар на Виена, австрискиот тур оператор Атер, додели две наградни патувања за Охрид, а Македонската културна заедница ги подготви заинтересираните туристи на храната што ги очекува во земјава.
Посетителите на промоцијата имаа можност да ги дегустираат вината на Бовин, Стоби, Трајковски, Камник и Картал. За туристичките локалитети говореа Џон Фокс од Атер и Конзулот Ридер. За културните и политичките врски Австрија – Македонија говореше амбасадорот Ѓорѓи Филипов, кој нагласи дека двете земји годинава слават 20 години од воспоставување дипломатски односи. Програмата ја снимаше Телевизискиот канал ОКТО, државен канал на Виена, кој ќе емитува полчасовна емисија за настанот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.