Ниски даноци, макроекономска и финансиска стабилност, поволна фискална политика, атрактивни услови за водење бизнис во технолошко-индустриските зони, добра структура на едуцирани млади кадри, како и константност на условите што Македонија им ги нуди на инвеститорите, се дел од позитивните оценки на странските инвеститори и македонските владини претставници. Овие поволности вчера беа презентирани на панел-дискусијата насловена како “Шанси и ризици на странските инвеститори во Македонија”, организирана од Македонско-германското стопанско здружение. Тие како бенефит го сметаат и тоа што изминативе 15 години во земјава има стабилна инфлација од 2%, а договорите за слободна трговија овозможуваат настап на пазар од 650 милиони жители.
На панел-дискусијата Бил Павлески, министер за странски инвестиции во Владата на РМ, укажа дека во земјава изминативе неколку години значајно е подобрена инвестициската клима, оти се забележани значајни инвестиции во производството, а заслуга на тоа е што Владата е пријателски ориентирана кон инвеститорите.
– “Сименс”, како една од значајните германски компании е во период на глобална криза, а конкуренцијата директно има влијае. Токму затоа компанијата во овој период бара подобри локации за извршување на бизнисот, а ние како држава треба да создадеме услови ваквите компании да може да влезат кај нас со дел од нивниот бизнис – укажа Павлески кој оваа информација ја прочитал деновиве. Според него, “Сименс” со ширењето на бизнисот ќе го засили и бизнисот во Германија и тоа ќе биде добро и за нив и за нас.
Тој смета дека иако Македонија е влезена во рецесија, нашиот економски раст се уште е подобар во однос на други држави кои се членки на ЕУ. Особено е значајно што изминатите пет години се дуплирани инвестициите во образованието, оти инвеститорите бараат квалитетен кадар и затоа тој им порача на студентите да се насочат кон изучување на техничките факултети.
Министерот очекува да продолжи трендот на инвестиции од германски компании во Македонија, особено по вложувањата на Дрекслмаерр, Кромберг и Шуберт”, ДМ”, … оти сите заштитни документации во однос на привлекување инвестиции меѓу Македонија и Германија се потпишани, при што има ослободување на двојното оданочување, односно создадени се сите услови за подобрување на соработката и на бизнис-климата.
Германски компани што веќе имаат инвестирано во Македонија, нивните профити одлучуваат да ги реинвестираат во земјава што исто така се должи на добрите услови за водење бизнис во земјава. Позитивни примери се “Џонсон Контролс” кој отвори втора фабрика во Штип, а “Џонсон Мети” ја проширува фабриката што е само потврда на добрите услови што на инвеститорите им ги даваат индустриските зони.
Според Михаел Шмит, директор на претставништвото на германското стопанство во Македонија и раководен член на Управниот одбор на Македонско-германското стопанско здружение, генерално германските компании што работат во Македонија се задоволни од условите за водење бизнис. При анкетата на 170 членки, било укажано на некои недостатоци, како што е правната сигурност, ефикасноста на јавната администрација, платежен морал и подобрување на имотната регулатива. Тој појасни дека за компаниите е особено важен платежниот морал, односно навремено враќање на данокот на ДДВ од страна на државата.
Според претставникот на “Империјал Тобако”, Ричар Парат, тие се германска компанија која десет години води бизнис во тутунскиот сектор во земјава, а главната причината заради која тие инвестирале во Македонија е политичката и економската стабилност. Тие особено се задоволни од даночната политика, платите кон вработените, поради што во нивниот фокус се и нови инвестиции.
Радослав Нановиќ, директор на “ДХЛ Македонија”, кој е дел од “Дојче Пост ДХЛ”, како најстара германска инвестиција во земјава ја поздрави добрата даночна политика, укажа на добрите закони, но смета дека треба во праксата подобро да бидат применувани. Според него, Македонија треба повеќе да ја развива транспортната инфраструктура, но генерално неговата порака до инвеститорите е дека земјава е добро место за инвестирање. Што се однесува за македонската работна сила, тој смета дека е квалитетна, но дека треба малку да ја подобри професионалноста.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


