| четврток, 6 декември 2018 |

Шарп: Македонија целосно го оправдува рангирањето како најдобро место за инвестирање во светот

На Инвестициски форум посветен на можноста за вложување во Република Македонија, во рамки на редовната програма на Глобалниот економски форум 2014, што се одржува во Ливерпул, македонски владин тим предводен од премиерот Никола Груевски ги презентираше можностите за водење бизнис и за инвестирање на британски и меѓународни компании  во Македонија.

sarp

На форумот, што се одржува во соработка со „Фајненшл Тајмс“, премиерот Груевски пред инвеститорите ги наведе даночните олеснувања како силна компаративна предност на нашата земја, истакнувајќи дека е воведен најповолен пакет на рамни и ниски даноци и се поедноставени постапките за нивно пријавување и плаќање. Данокот на добивка и персоналниот данок на доход изнесуваат само 10 проценти што е меѓу најниските во Европа, при што од оданочување се ослободува и задржаната и реинвестираната добивка која нема да се распредели како дивиденда.

Груевски истакна дека за инвеститорите во технолошко-индустриските развојни зони е достапно ослободување од персонален и данок на добивка во времетраење од 10 години и ослободување од плаќање надомест за уредување на градежното земјиште кон општините, како и од надоместоци за добивање градежни дозволи. Земјиштето се дава под долгорочен закуп под поволни услови за период до 99 години, соопштија од Владата.

Груевски посочи дека во последниот период освен тоа што дојдоа угледни компании од повеќе важни сфери од индустријата, некои од нив одлучија и да ја реинвестираат својата добивка преку отворање втори капацитети и фабрики, што е потврда за успешната бизнис приказна во Македонија. Се осврна и на вложувањата во капитални инфраструктурни проекти како што е изградбата на нови автопатишта, почеток на изградбата на железничката пруга кон Бугарија, како и реконструкција на Коридорот 10.

Основните макроекономски показатели на  Македонија на форумот ги претстави вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, истакнувајќи ги стабилноста на девизниот курс, ниската инфлација и зголемувањето на извозот кон значајни држави членки на ЕУ.

– Тој се задржа на реформите за олеснување на бизнисот, како што е регулаторната гилотина, проект со кој е значително намалена бирократијата и регулаторниот товар врз фирмите, преку поедноставување на постапките за добивање лиценци, дозволи, одобренија и други формалности, како и преку намалување на надоместоци и до 50 проценти. Ставрески ги истакна и воведениот електронски систем за плаќање даноци и добивање царински дозволи и воспоставувањето е-Катастар на недвижности кој сега покрива 99 проценти од територијата на државата, се вели во соопштението од Владата.

Според директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони Виктор Мизо, Македонија нуди поволности на странските инвеститори во индустриските зони.  Таквата посветеност, истакна Мизо, придонесе повеќе мултинационални компании да донесат одлуки да инвестираат во Македонија, како што се британската „Џонсон Мети“ (со два капацитети во Скопје), американските „Џонсон Контролс“ (со капацитети во Скопје и Штип), „Кемет Електроникс“  и „Амфенол“, германските „Кромберг и Шуберт“ и „Дрекселмајер“, белгиската „Ван Хул“, италијанската „Текнохозе“ и повеќе други капацитети. Постои зголемен интерес и од други компании за можноста за инвестиции во Македонија, нагласи Мизо.

За Ричард Парсон, извршен директор на „Ворлвајд-ФДИ“, исклучително е важно што британските инвеститори, непосредно од највисоките државни претставници, имаат можност да се запознаат со тоа што има да понуди Република Македонија.

-Многу е важно, луѓето од Британија да дознаат за тоа што може да понуди Македонија. Навистина е многу важно што премиерот и министерот за финансии, се денска тука во Ливерпул, за оваа специјална бизнис недела, па присутните да можат да слушнат што Македонија може да им понуди на британските бизниси, а тие да бидат ангажирани во повеќе области, како и за тоа колку добро напредува македонската економија. Мислам дека тоа е охрабрувачки за британските бизнисмени и се надевам дека со тоа ќе ги поттикнат активно да инвестираат во Македонија и да ја сфатат како сериозен пазар за извоз и како потенцијално место за директни странски инвестиции, истакна Парсон.

Извршниот директор на компанијата „Еуромакс“, Стив Шарп пријатно бил изненаден од одѕивот и присуството на форумот.

-Денеска сум тука да ги поддржам македонските власти, бидејќи имавме искуство „од прва рака“ за тоа колку е одлична климата во Македонија за странски инвестиции. До сега ние имаме инвестирано повеќе од 30 милиони долари, а планираме да инвестираме уште 5 милиони долари. Многу голем дел од моето време го поминувам патувајќи низ светот, па и јас лично им пренесувам за тоа колку добро место за инвестирање е Македонија, поради природните ресурси, но и не би можел да посакам по пријателски и по кооперативни власти, па и по прагматични бизнисмени и локални власти. Македонија целосно го оправдува тоа што е рангирана како најдобро место за инвестирање во светот, рече Шарп.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top