| четврток, 6 декември 2018 |

СЕ: Македонија успешно се бори против трговијата со луѓе

Македонските власти презедоа извесен број на значајни мерки за спречувањето и борбата против трговијата со луѓе, но остануваат уште многу предизвици, се вели во извештајот на ГРЕТА – групата на експерти на Советот на Европа (СЕ) за борба против трговијата со луѓе што е објавен денеска.

trg so luge

Во извештајот на ГРЕТА, јавува добисникот на МИА од Стразбур, се истакнати позитивните случувања како што се воспоставувањето на структурите за координација и специјализирани единици за борба против трговијата со луѓе, усвојување и редовно ажурирање на релевантното законодавство и националните стратегии, како и воведување на Националниот механизам за упатување. Извештајот ги нагласува и напорите за подобрување на превенцијата од трговија со луѓе преку подигање на свеста, образованието во училиштата и обука на професионалците.

Сепак, се подвлекува, дека се потребни дополнителни мерки за да се осигура дека сите жртви на трговија се правилно идентификувани. Се препорачува тоа да се постигне со зајакнување на мултидисциплинарното учество во идентификувањето на трговијата со луѓе и поголемо внимание на идентификација на жртвите на трговијата со луѓе меѓу илегалните мигранти, баратели на азил и малолетни лица без придружба.

Покрај тоа, ГРЕТА ги повикува властите на државата да ја зајакнат превенцијата преку социјални и економски мерки за да ги поттикне припадниците на ранливите групи на трговијата со луѓе и да се се обезбеди запишување на сите поединци во регистрите на матичните служби.

ГРЕТА, исто така, ги повикува македонските власти да се осигураат дека сите мерки за помош што се предвидени со закон се гарантирани во праксата и дека жртвите на трговијата со луѓе можат да добијат надомест, вклучувајќи и воспоставување на јавен фонд за надомест достапен на жртвите на трговијата со луѓе.

Овој извештај е прва проценка од страна на ГРЕТА за начинот на кој во Република Македонија се спроведува Конвенцијата за борба против трговијата со луѓе на Советот на Европа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top