И Ѓорѓи Чековски, по Перо Антиќ, Тодор Гечевски и Владо Илиевски, најави збогување со настапите за репрезентацијата на Македонија, а причина за повлекувањето на крилниот центар е повредата на препоните. Во изјава за „Македонски спорт“, Чековски вели дека е време за помладите да се истакнат во националниот дрес.
„Овие проблеми со препоните само ја дефинираа, ја потврдија мојата одлука ова лето да ставам крај на репрезентативните обврски. И искрено, мислам дека е редот на помладите да излезат на главната сцена и да бидат нашите наследници во националниот тим. Едвај ги издржав и оние последни натпревари од плеј-офот. Само јас знам со какви маки и какви болки поминував во овие неколку месеци од сезоната. Болките стануваа неподносливи, па оттука во консултација со лекарскиот тим одлучив дека е најдобро да се оперирам“, е изјавата на Чековски.
Претходно и првиот наш кошаркар во НБА лигата, Перо Антиќ, се прости со настапите за репрезентацијата на Македонија, а истото го сторија и Гечевски и Илиевски. Тие беа дел од кошаркарската експедиција во Литванија кога на Европското првенство пред 3 години го забележавме најголемиот успех со освојување на четвртото место. За влакно ни побегна бронзениот медал во дуелот со Русија.
Следната акција на кошаркарите се квалификациите за ЕП следната година во Украина. Македонија е во група со Белгија, Данска и Белорусија. Ќе се игра од 10 до 27 август, а за пат во Украина следното лето ни треба да го освоиме првото место во групата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


