Корисниците на „Т-Мобиле“ од денес ќе можат да го користат мобилниот телефон како паричник и преку својата постпејд-сметка. Со „Мобипеј“ (MobiPay) може безготовински да се плаќа во такси, ресторани, кафулиња, продавници и во голем број други продажни места во Македонија, а мрежата континуирано се проширува.
Услугата е достапна преку сите модели на мобилни телефони, без дополнителни трошоци, а користи и врвна заштитна технологија за сигурно и безбедно купување.
– „Мобипеј“ е модерен и едноставен, брз и сигурен начин на плаќање, од денес достапен и преку постпејд-сметката на нашите корисници. Мобилниот телефон веќе не служи само за разговор, туку станува мултифункционална алатка, сè во едно, што го прави животот поедноставен, а во крајна линија тоа е и целта на модерните технологии. Со „Mобипеј“ мобилниот телефон добива уште една улога, станува виртуелен паричник, достапен за сите наши корисници, преку сите модели на мобилни телефони. Со „Мобипеј“ корисниците добиваат вредност повеќе, можност повеќе без никаков надомест – изјави Жарко Луковски, главен извршен директор на „T-Мобиле Македонија“.
Сумата за направената трансакција се додава на телефонската сметка, а месечниот лимит се одредува во зависност од кредитниот рејтинг на корисникот. Во зависност од потребите корисниците можат да изберат „мобипеј изи“ (MobiPay Easy) до 300 денари по трансакција или „мобипеј стандард“ (MobiPay Standard) до 1000 денари по трансакција.
Отсега корисниците ќе можат да користат мобилно плаќање преку постпејд сметката до 6.000 денари без да одат во банка.
Мрежата на локации каде може да се плати со „мобипеј“ континуирано се шири низ цела Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.





