| четврток, 6 декември 2018 |

„Македоника литера“ објави „Приказни за добра ноќ од цел свет“

Друштвото за издавачка дејност „МАКЕДОНИКА“ од Скопје, неодамна ја објави книгата за деца „Приказни за добра ноќ од цел свет“, раскажани од Киро Донев.

Книгата содржи избрани народни приказни од земји и народи од сите меридијани на Земјината топка. Приказните имаат жанровска разновидност, почнувајќи од фантастичните приказни па до приказните за животните – басните. Во нив се одразени народната мудрост, менталитет и традиција, карактеристични за одреден народи или регион. Раскажувани се со генерации и со децении и векови, од колено на колено, и претставуваат фолклорна ризница на народите во светот.

Приказните во оваа книга се адаптирани за младиот македонски читател. Тоа значи дека тие се авторизирани и раскажани „по мерка“ на приредувачот Киро Донев. Тој настојувал да опфати што поинтересни и понепознати приказни од што повеќе народни во светот.

Киро Донев (1942, Моноспитово, Струмичко) е автор на триесетина книги за деца, пред сè прозни дела: романи, раскази, гатанки, повести, пиески и сликовници, а за своето творештво е добитник и на неколку високи книжевни награди во Република Македонија.

Меѓу другите, автор е на следните книги: Жаба спикер (поезија 1967), Било – не било (раскази, 1969), Априли – ли (пиески, 1969), Збркана сказна (роман, 1986), Ден по ден – година (раскази, 1987), Внукот на мајорот (роман, 1989), Шарена криенка (раскази, 1990), Манастирски ѕвона (роман, 1992), Далаверите на Добре лошиот (роман, 1992), Четириножните рицари (роман, 1993), Надуенка (раскази, 1997), Киндер квачка (роман, 1999), Приказни од зоопаркот (раскази, 2000), Весел зоопарк (раскази, 2007), Од дневникот на Васко Пикаско и Зорка Сештозборка (раскази, 2012), Приказни од куќичката на дрво (2013)…

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top