Многубројни места и села во Босна и Херцеговина, буквално, се избришани од лицето на земјата, а сега, по поплавите и лизгањето на земјиштето, луѓето се и без имотот во кој вложувале речиси цел живот.
– Поројните дождови во Југоисточна Европа на 14 и на 15 мај, во Србија и во Босна и Херцеговина предизвикаа катастрофални поплави од невидени размери. За жал, оваа елементарна непогода предизвика несакани последици, однесе и човечки животи, причини големи материјални штети по инфраструктурата, додека илјадници луѓе се евакуирани од поплавените места – вели проф. Владо Спиридонов.
Неколку дена македонските полициски „тигри“ и припадниците на АРМ на терен во Србија и во Босна и Херцеговина им помагаат на граѓаните што се соочуваат со поплавите. МВР испрати контингент со петнаесет припадници на Единицата за специјални задачи „Тигар“, кои се упатија кон Брчко, Босна и Херцеговина, како одговор на барањата и насоките од тамошниот кризен штаб. „Тигрите“, кои се специјално обучени за нуркање и за алпинистички задачи, им се целосно на располагање на босанските власти и се приклучија на спасувачките операции.
Нивниот тим веднаш почна да работи со полна пареа на евакуација на лица во поплавените подрачја во Босна и Херцеговина, каде што се распоредени и припадници на АРМ.
Слична е и состојбата во Србија. Најкритично е во Обреновац. Таму веќе нема граѓани што сакаат да се евакуираат. Во градот се останати семејствата што не сакаат да ги напуштат своите живеалишта. Досега се евакуирани 2.000 луѓе, а на тие што останаа со хеликоптери им се доставуваат вода и храна.
Луѓето што излегуваат од Обреновац велат дека водата се повлекува од главните улици и дека водостојот е во стагнација.
Но, полицијата постави барикади и забранет е влез во градот. Може да поминат само екипите за санација на теренот, за дезинфекција и за дератизација, како и екипите на Електродистрибуција и на Телеком. Влегувањето во Обреновац им е забрането на сите, освен на стручните служби. Новинарските екипи запираат на полицискиот пункт кај Мислоџин и чекаат да им се одобри влез во поплавениот град. Според тоа што можеа да видат новинарите, полицијата во градот ги пушта само стручните екипи.
Припадниците на македонската полиција од специјалната единица „Тигар“ од касарната „Илинден“ заминаа со хеликоптер за Србија.
– Дестинацијата до која се упатија е Белград и во зависност од потребите и насоките што ќе ги добијат од тамошниот кризен штаб, се подготвени да дејствуваат во рамките на своите способности за кои се одлично обучени и опремени со целата опрема – изјави министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска.
Српските медиуми и граѓаните се благодарни за помошта и не штедат зборови за пофалба на македонските полициски единици.
– Македонската елитна полициска единица „Тигар“, која е во Србија, не запира со својата работа. Македонскиот полициски хеликоптер е постојано на терен и врши извидувања и доставување храна и потребни намирници во најзагрозените региони. Хеликоптерот на „тигрите“ е во координирана акција со хеликоптерите на српското МВР и на ЕУЛЕКС – пишуваат српските медиуми.
Припадниците на АРМ, кои се ангажирани за давање помош во поплавените подрачја во Република Србија, во текот на еден ден со моторните возила што ги имаат, извршија евакуација на повеќе од 350 лица од подрачјето на градот Обреновац и околните населени места. Персоналот на АРМ, кој е распореден во Обреновац, е ангажиран и на испумпување на водата од пониските точки на градот, со што ќе се создадат услови за побрзо отстранување на последиците од водената стихија што го зафати овој град и регионот околу него. Инаку, агрегатите на АРМ се употребени за снабдување со електрична енергија на прифатниот центар во Обреновац, полициската станица и други објекти од витално значење во хуманитарната акција.
– Без оглед на исклучително тешките и сложени услови за работа, припадниците на АРМ остваруваат одлична координација и соработка со надлежните органи во Република Србија, а задачите ги извршуваат беспрекорно и професионално. Се очекува и во наредните денови ангажирањето на хуманитарниот контингент на АРМ да продолжи во согласност со потребите на властите во Република Србија – велат од Генералштабот на АРМ.
Армиските единици дејствуваат координирано во поплавените региони, а во Обреновац, кој е најзагрозен, АРМ и екипата на ДЗС координирано дејствуваат со српската војска и со војската на Црна Гора.
– По одлука на Владата, единиците од АРМ го активираа својот механизам. Имено, се работи за агрегати за електрична енергија, шатори, ќебиња, пумпи за вода, чамци. Единицата е во реонот на Обреновац, кој е најзагрозен, а заедно со другите единици на српската војска почнати се активностите за спасување. Се потврди мојата иницијатива, која ја искажав минатата година на конференцијата на земјите од Јадранската повелба А5, на која разговаравме каква ќе биде реакцијата на единиците во случај на криза од природни непогоди, поплави, пожари. Иницијативата беше за формирање медицински штаб на балканските сили, кој ќе биде стациониран во Македонија и кој ќе биде подготвен да дејствува доколку властите искажат потреба од негово активирање – објасни генералот Котески.
(Пишува: Невена Поповска
Текст објавен во 90. број на неделникот „Република“, 23.05.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Националната телевизија од Естонија ќе снима репортажа за Македонија
-
Кашкавалот од Лазарополе се продавал дури и во Египет
-
„Македонија: земја на питите, страста и изобилството“: прекрасна странска репортажа за храната
-
Јадранскиот град кој полека умира: Беше иднина на Мусолини, стана жртва на систематско запоставување