| четврток, 6 декември 2018 |

Камерун ни потврди, Македонија е подготвена само за нов квалификациски циркус

Камерун ја победи Македонија со 2-0 во пријателски натпревар во Австрија,  и уште еднаш ни потврди дека фудбалски сме подготвени само за уште еден квалификациски циркус. Ни следи циклус на натпревари со актуелниот европски и светски првак Шпанија, со моќната Украина, со незгодните Белорусија и Словачка и со аутсајдерот Луксембург. Влогот е голем, пат во Франција на Европско првенство, а можностите ни се скромни.

Барем според тоа што го прикажавме вчера во Куфштајн, против селекцијата на Камерун, која ќе учествува на СП во Бразил. Најпрво за селекторот Бошко Ѓуровски. Не е грев да се експериментира, се работи за подготвителен меч, но не чини да се повторуваат истите грешки и потоа постојано да се бара алиби. Се обиде Бошко да игра со „лажна деветка“ или без центарфор, а ги имавме петмина на клупата и очигледно погреши. Не немаше во нападот, во долги периоди од играта речиси и не ја минувавме половината на противникот. Една шанса за 90 минути и два-три безопасни удари кон голот на противникот.

И наместо да се признаат грешките, селекторот не убедува дека „успеал да го види тоа што го сакал“.

Изгледа само тој го видел посакуваното. Останатите што го следеа натпреварот многу тешко ќе ги убеди во неговата теорија. Имаме одбрана како швајцарско сирење, со фудбалери тешкаши, со демоде игра и со ноншалантен пристап. Како да се работи за полесен тренинг, а не за настап за репрезентацијата, во дресот со национални обележја.

makedonja

Очекувавме многу и од средниот ред, но цел меч игравме „без врска“. Без визија и со неверојатни технички грешки. Посебна приказна е таканаречената „пас“ игра. Знаењето за жал е скромно, располагаме со играчи за едно до две прецизни додавања. Третото во низа веќе е успех за нас. Модерниот фудбал бара многу повеќе прецизност, квалитет и особено желба и физички капацитет за успеси. И подобра стратегија и тактика од селекторот. Доста е со експерименти што ни се повторуваат од циклус во циклус. Репрезентацијата ни стана циркус. Игра кој стаса, а националниот дрес стана непрепознатлив, го носи кој сака.  Најмногу од се сепак боли ангажманот на грото репрезентативци. Го нема, исчезна. Како да се игра со сила и без  волја, колку да им мине времето.

„Таман сме за нов квалификациски циркус“, коментираат најзагрижените.

Ако по утрото денот се познава, Камерун ни покажа дека сме многу далеку од сериозна репрезентација, подготвена за тешки битки со гигантот Шпанија, со квалитетните Украина, Белорусија и Словачка. Па дури и со Луксембург, селекција што брзо напредува и игра се подобро. Септември и стартот на новите квалификации за ЕП не се далеку, оптимизмот на овие простори е вечен и секогаш се надеваме на подобро.

Народот не бара премногу. Само очекува за репрезентацијата да се игра со срце, до максимум, па и над него, без разлика дали се победува или губи.

И не сака алиби изјави и лажни „финти“. Од типот „Не игравме добро, оти ни ја утнаа химната“. Или „Толкави ни се можностите, ќе биде подобро“. Оправдување нема и за „Ни недостасуваа 3-4 важни алки во составот“.

Доволно беше со бомбастични најави и изјави надвор од терен. Време е за машка битка на игралиште, таму каде што се презентира вистинскиот фудбалски квалитет и се освојуваат бодови, се бележат победи. Секако ќе има и нови порази, но и тие се трпат полесно, кога се игра без пардон, со вистинска желба за успех.

 

Пишува: Зоран Поповски

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top