| четврток, 6 декември 2018 |

Спомен-куќата на Пупин – катче со вистинска приказна за неговото семејство

Старата зачувана дрвена порта што ја крепи со децении авлијата ѕидана од скромните, но вредни домаќини, камен по камен трпеливо делкан токму од Пупинов Камен, место врз кое стои самата куќа, ширум ги отвора пред вас порите за добре дојде во куќата што е комбинација на сместувачко-угостителски објект и музејска поставка за животот и за делото на исклучителниот научник

Кога ќе тргнете нагоре по тесната уличка во Вевчани наидувате на старата куќа на Пупинови, градена во 1880 година од семејството од кое потекнува самиот. Маалото и сокакот, од памтивек наречен Пупинов, со реконструкцијата и обновата на куќата добија душа, заживеаја. Одекнува калдрмата од плочи, старата зачувана дрвена порта што ја крепи со децении авлијата ѕидана од скромните, но вредни домаќини, камен по камен трпеливо делкан токму од Пупинов Камен, место врз кое стои самата куќа, ширум ги отвора пред вас порите за добре дојде.

Мераклиски рачно изработените скалила од костеново дрво во домот Пупинов што водат кон чардакот и собите со камари, селски огништа-камини, ковчези и сега антикварски мебел и покуќнина, чкрипат под товарот на намерниците како некогаш кога се пречекувале и нагостувале милите гости.

Reportaza89-7

На тие што ќе посакаат да престојуваат во неа, домаќините им нудат топла постела и шанса да се преспие во селски ткаени чаршафи везени на рака и во колоритни преслеки на железни и на дрвени кревети. Наутро ве дочекува мирисот на ѓомлезе (тури-потпечи) и на зелник под вршник, калапи домашно сирење, кисело млеко што се сече со нож, макала и какви не други специјалитети, приготвени во грне или котле, според старите семејни бабини рецепти, кои љубоморно се чуваат. Ниту еден добронамерник нема да се пречека и да се испрати без да му се загрее душата со домашна ракија, со вино директно од бочвите и без да се напои со студената вода од прочуените вевчански извори.

Reportaza89-3

Куќата е комбинација на сместувачко-угостителски објект и музејска поставка за животот и за делото на исклучителниот Пупин. Со адаптирање на сегашната корисна површина од преку 140 квадратни метри, во приземјето има мала кујна, ресторан, рецепција и негова спомен-соба. Горе, заради зачувување на автентичноста, апартманите се поскромни.

Има и соби, а сѐ што можело оригинално да се зачува од ентериерот и од екстериерот, карактеристичен за ова поднебје, е конзервирано и е ставено во функција. Идејата е истовремено да се создаде и да се зачува едно специфично, атрактивно и препознатливо културно и историско катче со вистинска приказна за семејството Пупин и за животот и делото на самиот Михајло Пупин. Нема трошка сомнеж, ја побудува љубопитноста и интересот кај посетителите, кои во Вевчани доаѓаат сѐ повеќе и во текот на целата година.

Reportaza89-2

Кратер на Месечината „Михајло Пупин“

Во текот на својот работен и животен век д-р Пупин добил многу почести, награди и признанија. Бил претседател на Американскиот институт на радиоинженерите и претседател на АИЕЕ (Американски Институт на електроинженери), прв човек на Американската асоцијација за унапредување на науката и на Њујоршката академија на науки, како и член на Француската и на Српската академија на науки.

Во 1920 година го доби Едисоновиот медал на АИЕЕ за својата работа во математичката физика и нејзината примена во електричната трансмисија. Една сала во Универзитетот во Колумбија и многу лаборатории во другите универзитети во САД го носат неговото име. Дури и еден кратер на Месечината е именуван со неговото име. Во 1946 година во тогашна Југославија е основан Институт „Михајло Пупин“ за инженеринг и за технолошки истражувања. За автобиографијата „Од емигрант до научник”, д-р Пупин во 1924 година ја доби Пулицеровата награда.

Reportaza89-5Вевчанци негодуваат што луѓето во Македонија многу малку или воопшто не знаат за Михајло Пупин и за неговите вевчански, македонски корени. Кога Општината конкурирала пред Европската агенција за реконструкција, овој факт бил особено нагласен во проектот, кој освен поттикнување и развој на руралниот еколошки туризам, има една голема компонента на подигање на јавната свест за зачувување на културното и на историското наследство. Се покажало дека ја погодиле целта, па се горди што меѓу мноштвото меѓународни проекти што аплицирале, токму Вевчани го доби грантот вреден 90.000 евра. Особено што се работи за фондови од погранична соработка меѓу Македонија и Грција и што изборот од страна на ЕАП се вршел во Солун.

Обележјата и преданијата го задржуваат идентитетот на духот на еден народ, без разлика каде и да му се раштркани неговите предци и потомци. Колку на вевчанци, по гени печалбари, им значи и го почитуваат потеклото на секој од своите, тврдат независно од личните постигнувања, е примерот со банкнотата од пет личници со ликот токму на Михајло Пупин на аверсот и на неговото семејно стебло, на реверсот. Родословот што се чува во семејството Ѓорѓон во Струга, професорот д-р Павле Митревски од Вишни, Струшко, го има објавено во својот истражувачки труд „Михајло И. Пупин за Македонија”, заедно со многу други познати и непознати факти.

Reportaza89-4

Иако изворите за потеклото на Михајло Пупин се многу скудни, сепак откриваат многу. Неговите родители Олимпијада и Константин, во Банат, како што е запишано и во тамошните книги, биле емигранти од селото Вевчани, Република Македонија. На секои две години им се раѓало дете, вкупно десет. Михајло Пупин бил две години помал од најмалото дете, сестрата Христина. Семејното стебло оди до Михајло, кој во далечниот Њујорк формирал семејство со Сара Катерина Џексон, Американка. По осум години брак останал вдовец со ќерката Варвара, која немала свое потомство, па лозата на Михајло Пупин замира со нејзината смрт. Потомците добро ја знаат сета историја за родот Пупин. Се пренесува од колено на колено, како завет.

Најтешката камбана на Балканот за „Св. Климент Охридски“

Кога големиот научник д-р Михајло Пупин во 1921 година по вторпат ја посетил Југославија, во Љубљана нарачал да се излее камбана тешка 2.300 килограми. Ја подарил на Охрид, градот на црквите и на словенската култура и просвета. Камбаната што била најтешка на Балканот е, всушност, камбанаријата на сегашната црква „Св. Климент Охридски“. На неа, на српски јазик, пишува:„Михајло Пупин, професор на Колумбискиот универзитет во Америка. Божествени звуци разнесете ја славата на паднатите јунаци и раскажувајте му на потомството за нивните големи дела. За паднатите херои на Кајмакчалан, 1921 година“.

За сиромашните граѓани од Охрид, Пупин формирал и фонд за помош од 100.000 динари. Тогаш, во негова чест една улица во Охрид е именувана Михајло Пупин.

Како што забележува проф. д-р Павле Митрески во својот труд „Михајло И. Пупин за Македонија“, чинот е знак на спомен кон родниот крај на своите предци од Македонија и почит кон култот на словенските просветители и православието од страна на еден искрен верник каков што бил Пупин, исто како и целото негово семејство. Чинот се цени и како своевидно оддолжување за тоа што никогаш не успеал да си ја оствари големата желба да ја посети Македонија. Жалење што често го споделувал со пријателите Американци.

Д-р Михајло Идворски Пупин (1854-1935) е научник, пронаоѓач, физичар, математичар… Имал индивидуална склоност и креативен дух, кои го вивнале на врвот во светската наука. Во САД емигрирал на 20 години од родното село Идвор, близу Панчево. Како научник е значаен во три области: телекомуникациите, радиотехниката и радиологијата. Регистрирал 24 свои патенти, некои од нив епохални, кои се применуваат. Првиот 1894 година, а последниот 1923 година. Во областа на електроинженерството неговите истражувања по докторирањето во 1889 година биле пионерски. Во 1896 година д-р Пупин првпат успешно ги применил секундарните рендгенски зраци што ги открил за терапевтски цели кај пациентка со карцином на градите. Пупиновиот калем, чијашто примена во телефонските комуникации се нарекува пупинизација, го открива во 1894 година, а по откупувањето на патентот од страна на АТТ (Американски телефон и телеграф) Михајло Пупин станува исклучително богат човек.

На Универзитетот во Колумбија 40 години бил неуморен воспитувач и на младите генерации. Не ги заборавил ниту сиромашните деца од, како што пишува во својата автобиографија „Стара Србија и Македонија“. Во спомен на својата мајка, во 1913 година го основал Фондот „Олимпијада Пупин“ за школување и за натамошно образование преку стипендирање. Ова е само еден од многубројните негови фондови, од кои, само во времето од 1921 година до 1935 година, на институции и поединци Пупин им подарил речиси 14 милиони динари. Добар дел од парите биле наменети и како помош за Македонија.

 

(Пишува: Невена Поповска
Текст објавен во 89. број на неделникот „Република“, 16.05.2014)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top