| четврток, 6 декември 2018 |

Министерство за здравство: почнаа викенд-акциите за бесплатни прегледи на село

stetoskop

Министерството за здравство од денеска во скопското село Петровец започна викенд акции за бесплатни превентивни прегледи на населението во рурални средини. Прегледите се вршат во заедничка соработка на ЈЗУ Здравствен Дом Скопје и Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза.

Како што соопшти Министерството за здравство, според планираните активности, во текот на акциите се мери телесна тежина и висина, шеќер, холестерол и хемоглобин во крвта, крвен притисок и ЕКГ. По добивањето на резултатот од вредностите на анализите, корисникот на услугата добива соодветен медицински совет.

Целта на ваквите акции е  преку доближување на здравствените услуги до населението да се превенираат или да се постигне рана детекција на метаболните, кардиоваскуларните заболувања и анемијата.

– Покрај функционирањето на проектот „Рурален доктор“ во текот на работните денови, Министерството за здравство ги воведува и викенд акциите кои придонесуваат кон зголемување на достапноста и квалитетот на здравствените услуги, како и кон стекнување на квалитетни здравствени навики, наведуваат во соопштението од Министерството за здравство.

Во текот на минатогодишната акција беа посетени 51 населено место од рурални средини, при што беа реализирани 2.481 преглед.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top