
„Последна шанса“ е насловот на монодрамата чија премиера е вечерва, 21 мај (21.30 часот), на малата сцена на Македонскиот народен театар (МНТ), во кој актерката Весна Петрушевска ќе го игра ликот на Геле. Режисер е Синиша Евтимов, а текстот е на српската актерка Мирјана Бобиќ Мојсиловиќ. Преводот е на Сашо Христовски, а изборот на музиката во монодрамата е на режисерот Евтимов.
– Верувам дека ова ќе биде уште една хит-претстава – рече Дејан Пројковски, уметнички директор на МНТ.
Ова е втора премиера на Малата сцена на МНТ, по онаа на „Не се клади не Енглези“, која одлично поминува кај публиката, а чиј режисер исто така е Евтимов.
Актерката Петрушевска првпат во нејзината кариера ќе толкува машки лик на сцената, а во плакатот за претставата, таа е практично непрепознатлива. Признава дека ѝ било тешко „да го извади машкото од себе“, но додава дека во Македонија има многу плодна почва за креирање машки ликови.
Овој текст е пишуван за актерката која по 15 години пазуа се враќа на сцената, а Перушевска и Евтимов по неколку консултации решиле дека е најдобро таа да глуми машки лик, иако текстот е пишуван за жена.
– Во ова чудно време, кога сите мажи се Кончита Вурст, многу е тешко да се направи вистински машки лик. Не знаев каков предизвик е да се игра машки лик. Иако станува збор за монодрама, ние со Евтимов сакавме да направиме претстава која нема да предизвикува отпор кај гледачите кога ќе се спомене дека станува збор за монодрама. Според мене, една од задачите на театарот е и забавата – вели Петрушевска.
Последна шанса“ е монодрама која се занимава со ефектот на суперфицијалниот вирус, кој преку меинстрим медиумите ја инфицира секоја пора на нашето совремие. Се работи за псевдореално шоу во кое ја следиме неверојатната животна приказна на еден сосема обичен човек – вели за претставата режисерот.
– Првпат режирам монодрама и уште не сум сигурен дека го разбирам жанрот. Весна го одбра текстот и ме покани заедно да го работиме. Тргнав од помислата: она што не го знаеш најдобро, сакаш да го истражиш – вели Евтимов за „Последна шанса“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


