Работнички слави двојна круна во македонскиот фудбал, „романтиката“ владее и во домашниот шампионат, кој е освоен на едно коло до крајот, а најавата беше блескава со триумф во националниот куп.
Лесно е да се освојуваат трофеи кога го имате во своите редови човекот за успеси, Борче Маневски. Мистер титула, битолчанец што играше за Победа, за Вардар и за Работнички и со овој трилинг има освоено 4 трофеи.
Почна во Пелистер во родната Битола, па се пресели во прилепска Победа, а трансферите потоа се редеа од Полска во Горњик Лежна, до враќање во македонскиот шампионат и настапи и во српското првенство за Банат. Кај нас само со Милано и со Пелистер нема освоено трофеј, а е еден од ретките со пехари во три различни клуба кај нас.
„Имам 3 титули во домашното првенство со Победа, со Вардар и со Работнички и сите ми се подеднакво драги, но некако посебно значење има првиот мој трофеј во националниот куп што го освоивме на почетокот на мај со победа против Металург. Првенче е, сефте го кренав пехарот во купот и затоа му давам посебно место во мојата колекција“, вели Маневски.
Човек на одлука, мистер гол, изгледа мирно, кротко, но знае да биде немилосрден кога треба да се тресат противничките мрежи. Постигна 6 гола во кус период во трите последни кола, вклучувајќи го и прецизниот удар од белата точка со кој Работнички поведе со 1-0 против Металург во финалето на националниот куп.
„Другарството и опуштената атмосфера во Работнички се клуч на успехот и ни ги донесе титулите сезонава. Квалитетот е неспорен, имаме и доволно искусни играчи, прекалени фудбалери и таленти. Се направи одличен спој, би рекол победничка формула, а хемијата во тимот беше најважна за успесите на Работнички. Не беше важно кој ќе даде гол, а кој ќе асистира. Можеби ќе звучи неверојатно, но и помалиот фонд на играчи ни помогна да стасаме до врвот во двете натпреварувања. Немаше незадоволство, се создаде одлична екипа и според мене победите ни ги носеше мирот во екипата, комбинирано со квалитетот и со одличната стратегија и на раководството и на тренерот Игор Ангеловски“, вели Маневски.
Вардар утна, Работнички со двоен ќар
Со 9 гола во пролетниот дел од шампионатот на Македонија, 28-годишниот напаѓач е најдобар стрелец во овој дел од сезоната, вкупно втор зад Дејан Блажевски. До стартот на последната рунда Маневски има 17 гола, два помалку од лидерот Блажевски, кој зимоска замина во странство. Шанса за освојување на врвот и титулата „крал“ на стрелците кај нас, ќе му биде последното коло и пресметката со второпласираниот тим на табелата, Хоризонт Турново.
На крајот Работнички оствари двоен „ќар“ со ангажманот на Маневски во ланскиот летен преоден рок, а најмногу загуби Вардар. Сега веќе стариот шампион, односно неговата Управа, немаше слух за квалитетите на Борче и му дозволи да си замине. Во Вардар немаше место за него ниту во поширокиот состав од четириесетина играчи, а со голови и одлични игри му помогна на Работнички да освои двојна круна.
„Добро можеби и тоа беше само дополнителен мотив да докажам дека погрешија. И токму против Вардар одиграв одлично. Одлучувачките голови ги постигнав против нив и тоа на двата натпревари пролетва и мислам дека по тие победи, особено по вториот триумф, ни порасна оптимизмот и знаевме дека целта и титулата во домашното првенство е блиску. Ме радува што бев во добра форма кога се кршеа копјата. Така беше и лани кога настапував во Вардар. Постигнав водечки гол во последното коло против Турново, во дуел што директно одлучуваше за титулата. Овојпат со Работнички стасавме до целта порано, а мене и не ми е важно колку гола сум дал и кој бил стрелец. Најважно е што игравме како вистински колектив, со одличен тимски дух. Веројатно за нас предност беше што не бевме во кругот на главните фаворити за пехарите. Повеќе шанси имс е даваа и на Вардар и на Турново, па и на Металург, но на крајот знам дека апсолутно заслужено трофеите ќе бидат во витрините на Работнички“, вели Маневски.
Головите се најдобра препорака за напаѓачите, а квалитетот и одличните игри знае да ги цени македонскиот селектор Бошко Ѓуровски. Маневски доби повик за настап во дресот со национални обележја и ќе биде подготвен за игра на пријателските дуели со Камерун во Австрија на 26. Мај и со Катар во Италија четири дена подоцна.
„Добро, повикот од селекторот мислам дека го заслужив. Не бев ниту форсиран, ниту на било кој начин имав некаква привилегија и затоа сум задоволен. Чест е да се игра за репрезентацијата на Македонија, особено ако поканата ја заслужите со добри игри и голови. Мислам дека овие два теста со Камерун и со Катар се во вистинско време и се добредојдени. Посебно за фудбалери од домашнито шампионат. Имаме квалитет, ни треба само малку подобар маркетинг за подобро да се продава домашната македонска фудбалска приказна. Не треба да си ја потценуваме нашата лига. Има интересен момент тука. Кога играте добро во македонскиот шампионат тешко добивате шанса за настап во репрезентацијата. Заминувањето во странство, некако автоматски ви носи повик за да го носите националниот дрес. Само погледнете ги примерите на Крсте Велкоски, потоа и на Јован Костовски и дузина други наши фудбалери, кои не играа за репрезентацијата, иако имаа одлични настапи во домашните клубови, а кога заминаа во странство, веднаш се наоѓаа на списокот на селекторите. Секако дека заслужуваат, да не бидам погрешно разбран, напротив тврдам дека требаше да бидат репрезентативци и претходно кога играа на домашната сцена“, додава Маневски.
За Маневски во квалификациите за ЛШ добредојдени се Селтик и Црвена Звезда
По репрезентативните обврски, за Маневски и за шампионите од Дебар Маало ќе следи нов предизвик и тоа голем, учество во квалификациите за Лигата на шампионите. „Романтичарите“ се најдобриот наш клуб на европската сцена во последните десетина години, но и тоа не беше доволно за да бидат рангирани како носители. Тоа е потешкиот пат за пробив кон елитата, а пред македонскиот шампион е тешка мисија. Треба да го направат тоа што никој пред нив не успеал да го стори, и да бидат првиот тим од Македонија што би играл во фазата по групи во ЛШ.
„Ќе ја почекаме ждрепката на 23 јуни, но секако дека е потешко по овој пат од групата на неносители. Би сакал да играме со Црвена Звезда или со Селтик. Тоа навидум е веројатно и најтешкиот избор, но сакам да играм против екипи што имаат неверојатни навивачи. Црвена Звезда и Селтик се во таа група, атмосферата би била извонредна, што е одличен поттик да одиграме добро, да се прикажеме во вистинско светло. Работнички веќе има солидно искуство со настапите на европската сцена, со добри игри ги донесовме на Филип втори арената и Ливерпул и Лацио, претходно и Болтон, Локомотив Москва, Лил, па Анортозис, што доволно говори дека не сме за потценување“, размислува Маневски, со дополнителен шеговит коментар.
„Може најмногу ни одговара Црвена Звезда. Беа европски прваци и ако ги победиме ќе можеме да се пофалиме дека сме подобри од шампионот на стариот континет. Го имаме и Најдоски (Дино, синот на Илија Најдоски, н.з) и мислам дека тоа е доволно да излеземе како победници во евентуален двомеч со нив“, низ насмевка вели напаѓачот на Работнички.
Маневски речиси сигурно ќе игра за „романтичарите“ во квалификацискиот циклус од ЛШ, иако договорот со шампионот му истекува летово. Има понуди и од странство, а и враќањето во полскиот шампионат е една од опциите.
„Ќе видиме како ќе се одвиваат работите. Јас сакам да играм во квалификаците за Лигата на шампионите, а ако се договориме со раководството на Работнички секако би останал. Секогаш сме имале коректни односи, тоа особено го ценам кај челните луѓе на овој клуб. Имаат стратегија како успешно да се развива еден фудбалски клуб и верувам дека тој тренд ќе продолжи, без разлика дали јас ќе останам или ќе заминам. Работнички е здрава фудбалска средина и така треба да се продолжи. Јас како многу млад, на 19 години заминав во странство и играв сезона и пол во Полска во Горњик Лежна. Тоа првенство е многу силно, се вложува заслужено и во играчки кадар и во инфраструктура. Публиката е посебна приказна, интересот за натпреварите е голем и тоа се сегментите кон кои треба да се стремиме, да се обидеме барем да се приближиме. Работнички се движи на тој пат, Вардар и Шкендија се разбудија, се надевам уште некој наш клуб ќе се приклучи и ќе се најдат луѓе што ќе инвестираат за доброто на македонскиот фудбал. Реално има уште доста работи да се средат за да можеме да се носиме со поголемите и поразвиените од нас“, вели Маневски.
Реал, Роналдо, Бразил и Белгија
Ги следи и европските трендови, Борче е симпатизер на Реал Мадрид и со посебно внимание ќе го следи финалето во Лигата на шампионите, на 24 мај во Лисабон меѓу „кралскиот клуб“ и Атлетико Мадрид.
„Симпатиите секако ќе бидат за Реал Мадрид, но Атлетико некако е глобална приказна, слична на нашата мини, на Работнички. И тие како и ние одиграа прекрасен пролетен дел од сезоната и нема да биде изненадување, ако го освојат трофејот. Реал си е Реал, но Атлетико е вистински хит и освежување и во европскиот фудбал и во Лигата на шампионите и не смеат да се потценат“, ни изјави „десетката“ на Работнички.
И тој како и сите симпатизери на најважната споредна работа на светот, со нетрпение го очекува почетокот на Светското првенство во Бразил. Си има свои фаворити, играчи, стрелци, а секако огромна желба му е Македонија да се приклучи кон кремот и да се избори за настап на некое од големите натпреварувања.
„Најпрво треба да се биде реален и во циклусот што следи за пласман на Европското првенство во Франција да се создаде атмосфера, тим и игра. Шпанија е огромен фаворит, а некако кај нас се потценува Украина. Па таму треба само да се погледне кои тимови играат во Првата лига и да ви биде јасно против кого треба да се игра. Шахтар, Динамо Киев, Дњипро, Металист, Черноморец… имаат одлични успеси во европските купови. Од таму црпат играчи и Украина според мене е фудбалска велесила. Ние сме во период на трансформација, ќе треба да се игра без величини како Пандев и Новески и успех ќе биде ако во нашата репрезентација се постават темели со здрав натпреварувачки дух. Да играме добро и да покажеме дека имаме штоф за посериозен исчекор кон тоа што го сонуваме, да бидеме рамноправни со земји што се поголеми и посилни од нас. Многу брзо на мундијалот во Бразил ќе имаме можност да гледаме врвни претстави, моќни репрезентации и играчи. Ќе навивам за Хрватска и за Босна и Херцеговина, тоа ни е некако природно, тие две селекции се од овие простори и сакам да одат што подалеку на турнирот. Бразил секогаш е магнет, празник за очи е да се следат мајсторите на фудбалот од оваа земја и тие според мене се прв фаворит за титулата. Не ги заборавам и меси и Аргентина, тука се и останатите јужноамерикански селекции. Играат на својот континент, а имаат и светски ѕвезди. Погледнете го нападот на Уругвај, со Суарез, Кавани и Форлан, потоа и на Колумбија со Фалкао и со Џексон Мартинез и ќе ви биде јасно. Очекувам да доминира офанзивниот фудбал, да гледаме доста голови и убави акции. Според мене ќе блеска Кристијано Роналдо, Бразил може да ја освои титулата, а Белгија да биде потенцијална мина на која ќе се сопнат доста ривали“, анализира Маневски.
Пишува: Зоран Поповски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



