| четврток, 6 декември 2018 |

„Ван Хол“: Презадоволни сме од условите во Македонија

Белгиската компанија за производство на автобуси „Ван Хол“ вчера ги отвори вратите на новиот капацитет во технолошко-индустриската развојна зона – Скопје 1.

gruevski-van-hol

Задоволни од првичната инвестиција која ја направија поради поволната бизнис-клима, првите луѓе на „Ван Хол“ продолжуваат да вложуваат во Македонија.

Инвестицијата е од  големо значење за Република Македонија бидејќи со неа се враќа традицијата на автобуската индустрија во земјава.

Најважно од сѐ е отворањето нови работни места. Според премиерот Груевски, бројот на вработени во „Ван Хол“ ќе достигне 600 лица.

Нивната успешна инвестициска приказна во земјава испраќа позитивни пораки до другите инвеститори за бизнис-климата.

Првите луѓе на компанијата неколкупати досега го истакнаа задоволството од соработката со македонската влада. Таквата заемна работа и поткрепа е пресудна за успешен бизнис.

Сопственичката на компанијата „Ван Хол“, Бернадете ван Хол, уште во февруари годинава истакна дека се презадоволни од условите за работа во Македонија, како и од соработката со македонската влада.

berna-van-hol

– Веќе сме активни, веќе ги произведуваме првите автобуси во Македонија. Во фабриката моментално се вработени 450 луѓе, а целта ни е да растеме. Сакаме да направиме европски производ, кој ќе се продава во Европа, да вработиме повеќе луѓе и да најдеме набавувачи со кои би склучиле договор. Презадоволни сме и изненадени од Македонија. Јас сум од Белгија, која исто така е мала земја, како и Македонија. Презадоволни сме од соработката со Владата – вели Бернадете ван Хол.

Таа посочи дека се задоволни и од соработката со луѓето, од нивниот пријателски дух, знаењето, техничкото знаење.

Белгиската фамилијарна фирма „Ван Хол“ во 2012 година донесе одлука да инвестира во Република Македонија во прва фабрика за производство надвор од нивната матична земја, Белгија. Истата година претставници на фирмата, заедно со министерот Самак и премиерот Никола Груевски, присуствуваа на камен-темелникот на оваа фабрика кој следуваше по потпишување договор за инвестирање.

nikola-van-hol

Според деловниот план, „Ван Хол“ во Македонија веќе има инвестирано 25 милиони евра во фабрика од 37.000 квадратни метри, која денес е втора најголема гринфилд-компанија во Македонија.

Според најавите, во Македонија „Ван Хол“ ќе прави 500 автобуси годишно.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top