| четврток, 6 декември 2018 |

Вечерва во „Милениум“ премиера на новиот филм на Срѓан Драгојевиќ

atomski s desna

Вечерва во скопското кино „Милениум“ (20 часот) ќе се одржи премиерата на најновото остварување на режисерот Срѓан Драгојевиќ, филмот „Атомски од десно“. Во филмот игра и македонската актерка Ана Костовска, која ја толкува впечатливата улога на Олга. На премиерата гости во Скопје ќе бидат продуцентката на филмот, Билјана Првановиќ, дел од актерската екипа и, секако, мајсторот на филмската уметност, култниот Срѓан Драгојевиќ, во чија биографија стојат филмски наслови, како: „Ние не сме ангели“, „Рани“, „Убавите села, убаво горат“…
„Атомски од десно“ ексклузивно ќе биде само на репертоарот на киното „Милениум“ од денеска.
Драгојевиќ на големото платно ни пласира уште една продукција, која на сатиричен начин го опишува функционирањето на народите од поранешните југословенски простори во поствоениот период. Битката по пари и подобрување на економската состојба ги води главните ликови Младен, Соња, Метод, Педро и преостанатите на хрватското крајбрежје, каде што сите се инволвирани во бизнисот со издавање апартмани на принципот „тајм-шер“… Ситуацијата се компликува кога во игра ќе влезе Омер, човек со тежок карактер и ветеран од војната во Босна, а дејството доживува кулминација кога неговиот тригодишен син ќе падне од терасата на хотелот и завршува во болница. „Атомски од десно“ е балканска комична приказна за обичните луѓе со големи соништа, за луѓето чии желби и апетити се поголеми од нивните реални можности.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top