Николче Новески и официјално се збогува со настапите во македонската репрезентација и нема да игра во следниот квалификациски циклус за пласман на ЕП во Франција во 2016 година.
Селекторот Бошко Ѓуровски нема да смета ниту на својот внук Марио, кој има договор со тајландскиот клуб Муангтонг јунајтед да не настапува на одредени мечеви за репрезентацијата.
– Новески ми најави дека се откажува од настапите во репрезентацијата, а причина се возраста и настапите во Бундеслигата. Марио Ѓуровски има специфичен договор со својот клуб, па ако не можеме да го имаме на сите натпревари, принципиелно е и да не игра во следниот квалификациски циклус. Сите сакаат да играат против Шпанија, но на репрезентацијата и е потребен континуитет и сите играчи да бидат секогаш на располагање. Тоа подразбира и настапи и на пријателските мечеви – изјави на денешната средба со новинарите, Бошко Ѓуровски.
Во мај Македонија ќе игра два тест-натпревари со Камерун во Австрија и со Катар во Италија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


