| четврток, 6 декември 2018 |

Одличниот Вујчиќ на прагот на македонско државјанство и настап за фудбалската репрезентација

Селекторот Бошко Ѓуровски најави интензивирање на преговорите со извонредниот играч за врска на Работнички, Стефан Вујчиќ, за добивање македонско државјанство и настап за нашата репрезентација.

Популарниот Штеф има германски пасош, а од поодамна игра во македонската Прва лига и тоа одлично, па логично е интересот за него, со цел да игра за македонската репрезентација.

Како што информираат од стручниот штаб, нови имиња што се веќе контактирани во желбата да заиграат во нашиот национален дрес се 23-годишниот голман на шведски Норчепинг, Давид Митов Нилсен, 22-годишниот играч за врска од Динамо Загреб, Аријан Адеми и 20-годишниот голман Дејан Стојановиќ кој е роден во австриски Фелдхирк, а брани за италијанската Болоња.

– Со сите нив е контактирано. Ние посакуваме да ги имаме во комбинација за настап во репрезентативниот дрес, но тоа секако ќе зависи и од нив самите. Нилсен има и три неофицијални настапи за Шведска, но како што нè информираше не е задоволен од неговиот статус во оваа селекција. Слично е и со Адеми, а ќе ги искористиме сите наши можности и Стојановиќ да ја одбере Македонија како селекција за која ќе настапува во иднина. Јас сум изненаден зошто и од поодамна не е активирана иницијатива за доделување државјанство за Вујчиќ, затоа што е јасно дека се работи за квалитет кој може да и помогне на македонската репрезентација – изјави селекторот Ѓуровски.

Пред нашата репрезентација се два силни подготвителни натпревари против Камерун на 26 мај во Куфштајн, Австрија и со Катар во Рим, четири дена подоцна.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top