
Долгоочекуваниот и, можеби, најскап македонски филм „До балчак“ на Столе Попов, конечно, ќе ја има премиерата во септември, најава министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, која денеска беше во посета на македонската компанија за визуелни ефекти и анимација ФХ3Х, која ја завршува постпродукцијата на филмот. Филмот ќе биде прикажан на маркетот на Канскиот филмски фестивал на 20 мај.
– Убедена сум дека филмот ќе има огромни успеси и ќе учестува на голем број фестивали. Премиерата во Македонија ќе биде во септември, а сега на 20 мај ќе биде прикажан на маркетот на Канскиот филмски фестивал. На маркетот ќе биде прикажан и филмот на Антонио Митриќески, „Деца на сонцето“, кој е завршен и готов. Двата филма се очекува да бидат прикажани на фестивалите во Москва и во Карлови Вари. На рекламното видео за филмот „До балчак“ можевме да видиме прекрасна претстава. По мое видување, ова ќе биде еден од најдобрите филмови на Попов во неговото творештво. Навистина се гледа таа негова посветеност. Филмот личи на еден светски филм – изјави Канческа-Милевска.

Главните улоги во филмот ги толкуваат: Инти Шрај, Сашко Kоцев и Мартин Јордановски. Играат: Тони Михајловски, Сенко Велинов, Мики Манојловиќ, Никола Kојо, Јовица Михајловски, Искра Ветерова, Јордан Симонов, Драган Спасов, Никола Ристановски и други. Државата го поддржа филмот со околу 3,5 милиони евра, 2,5 милиони евра ги одобри владата, а вкупно еден милион евра – Филмскиот фонд. „До балчак“ беше одобрен во програмата од 2008 година, а сценариото е на Горан Стефановски.
– Задоволен сум што на крајот, по толку години добив можност да го снимам филмот. Мислам дека поминаа 25 години откако со Горан Стефановски ја почнавме оваа одисеја околу пишување на сценариото. Во овие 25 години имаше два-три неуспешни обиди некако да го спакуваме филмот, но немаше слух за такво нешто. Овој пат, оваа Влада и Министерството за култура имаа храброст да го поддржат филмот. Иако, можеби, звучи нескормно, апсолутно сум задоволен од филмот. Тој сигурно е на ниво моите претходни филма. Ќе се обидеме да го пласираме на неколку филмски фестивали – изјави режисерот Попов.
Освен во Москва и во Карлови Вари, тој очекува филмот да биде прикажен и Монтреал, Сан Себастијан, Локарно, Венеција, Торнто, можеби Берлин.
– Филмот, најверојатно, ќе биде прикажан и на фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола – рече Попов.
„До балчак“ треба да покаже поинаков капацитет и можност на македонската кинематографија. По својот обем и продукциски зафат е, навистина, голем и личи на амбициозните филмови со кои би се пофалиле и поголеми кинематографии од македонската.
– Ако се работи сериозно и посветено, продукциски, и во Македонија може да бидат издигнати на високо ниво. Тоа е добра шанса за македонската кинематографија – вели Попов.
За директорот на Агенцијата за филм Дарко Башевски, овој филм зрачи со моќ и сила и со голем потенцијал.
– Ваков филм во Македонија одамна не е виден – вели Башевски.
Миливој Ѓорѓевиќ, еден од двајцата сопственици на компанијат ФХ3Х изјави дека филмот на Попов бил голем предизвик за нивното студио, кое, инаку, работи на големи филмски светски остварувања.
– Ова е голем филм, кој не е вообичаен за македонските продукции. Во последните години ние работевме на речиси сите македонски филмови и се надеваме дека таа соработка со македонските колеги ќе продолжи и ќе дадеме придонес во подигнување на продукциското и на постпродукциското ниво и тоа да биде изедначено со светските големи произоди – рече Ѓорѓевиќ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


